Кривичен до Џафери: Без одземен имунитет, ние не можеме да определуваме притвор за пратеници

470

Судот не може да одреди притвор за пратениците Трајко Вељаноски и Љупчо Димовски бидејќи Собранието го известило дека не донело одлука за одземање на нивниот имунитет. Без позитивно мислење од законодавниот дом, Кривичен не може да постапува, наведуваат од судот.

– Во врска со наводите на Претседателот на Собранието дека „Судот ќе биде одговорен за евентуално бегство на осомничените и дека судот треба да обезбеди присуство на сите осомничени и обвинети во постапката“, ѝ појаснуваме на јавноста дека во нашата држава се применува акузаторен систем на кривично гонење според кој обвинителството е овластен предлагач на мерките за обебедување присуство, а судот одлучува доколку за тоа се создадени услови, што за овој случај услов би бил одземен имунитет – велат од Кривичен.

Оттаму потсетуваат дека и во случајот на Вељановски и на Димовски, кои се повикаа на имунитетот, судот веднаш се обрати до Собранието да се произнесе околу нивниот имунитет.

– Но, сведоци сме дека за првпат Собранието кое е надлежно да одлучува за имунитетот во законски утврден рок, не донесе одлуки, а со тоа го оневозможи судот да одлучува за мерката притвор на пратениците. Затоа, неприфатливи се изјавите дека судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што судот не може своеволно и спротивно на законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови. Доколку обвинителството поднесе нов предлог поради нови или изменети околности, судот веднаш ќе се обрати до Собранието и доколку навремено се добие одлука од Собранието, веднаш ќе постапи – потенцираат од судот.

Меѓутоа, како што веќе Плусинфо објави, од обвинителството нема да бараат нови мерки за двајцата пратеници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...