Ако е точно пренесено, премиерот Зоран Заев, на молитвениот појадок по повод 15-годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски, изјавил:
„Во периодот од 1998 до 1999 година (Трајковски) ја извршуваше функцијата заменик-министер во Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија“. И ова: „Неговиот живот трагично заврши токму на денот кога Република Северна Македонија требаше да направи уште еден голем чекор на својот пат кон интеграцијата во Европска Унија“.
Друже Заев, ајде убаво да си се договориме, за да не бидеме смешни пред себе и пред светот.
Нашата земја официјално се вика Република Северна Македонија од денот на изгласувањето на уставните промени. Пред тоа, таа си има други имиња, со разни додавки на нашето историско име Македонија.
Ти, друже Заев, беше избран за претседател на Владата на Република Македонија и потоа стана претседател на Владата на Република Северна Македонија. Сите други премиери и претседатели пред тебе биле функционери на Република Македонија.
Да се каже дека Борис Трајковски има било каква врска со името Северна Македонија е исто како да се каже дека партизаните се бореле за слободата на Република Северна Македонија. А и комитите и илинденците, богами.
Те молам, премиере наш, обрни внимание на фактот дека промената на името на нашата држава не може да важи ретроактивно. Што се однесува до мене и до медиумите што ги раководам, освен кога ќе ги пренесуваме вашите официјални изјави, ние нашата држава ќе си ја нарекуваме едноставно – Македонија.
Така како што и британските новинари, на пример, својата држава ја нарекуваат и Британија и ништо не ги обврзува да ја наречат Велика Британија или Обединетото Кралство.
Бидејќи си зафатен со други поважни работи, друже Заев, ти препорачувам да ги задолжиш твоите пиарчии да смислат соодветни синоними за именување на нашата земја, кога ја спомнувате надвор од строгата официјална комуникација. При тоа да имаат на ум дека основата на нашето ново композитно име е сопствената именка Македонија.