Безбедноста се зголеми на 1 јуни 2017, кога бандитите заминаа од власт, ѝ порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања.
– МВР го преземав со 23 отсто доверба, сега ОБСЕ покажа статистика од 75 отсто доверба во МВР. Многу е лесно да излегувате и кажувате лажни вести, посебно вие од ВМРО-ДПМНЕ и вие госпоѓо Затуроска зошто бевте поддржувачи на општонароден грабеж. И сега се противите да се суди за тоа – рече Спасовски.
Тој на пратеничката ѝ наброја статистички податоци за повеќе области од работата на полицијата почнувајќи од пријавите за исчезнати лица.
– Ако говориме за исчезнати лица, лажна вест е, ја злоупотребувате ситуацијата. Во 2014 година кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, премиер е Никола Груевски,а министер за внатрешни работи е Гордана Јанкулоска, пријавени се 554 лица за исчезнати. Во 2018 кога јас сум министер, а премиер е Зоран Заев, 370 лица се пријавени за исчезнати. Второ, во делот на економскиот криминал има зголемување на кривичните дела и тоа е благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери кои носеа позиции бидејќи тука се зголемија многу кривичните деа, некаде за 25 проценти за кривичното дело за злоупотреба на службената положба – наведе Спасовски.
Тој се пофали и за зголемениот процент за околу 30 отсто во откривањето на компјутерскиот криминал, а зборуваше и за статистиките за убиствата кои се намалиле за околу 37 отсто.
– Имаме намалување за 37 проценти на убиства. Лани имаме 17, за разлика од 2017 година, кога половина година МВР беше раководено од ВМРО-ДПМНЕ, има 27 убиства. Фала богу што не нѐ убивте во Собранието тогаш, таа бројка ќе беше уште потешка – рече Спасовски, продолжувајќи да наведува статистики и за кражбите, разбојништвата…
Меѓутоа, тој ѝ одговори на Затуроска дали ќе се повлече од МВР ако биде избран за претседателски кандидат.
Пратеничката му возврати дека не е задоволна од тоа како тој одговорил порачувајќи му дека тој ќе биде запишан како најнеуспешниот министер за внатрешни работи, министер кој практикувал политички реваншизам и кој ќе се памети како министер кој го вратил немирот на улиците наместо безбедност и заштита.