Албанија и Република Северна Македонија ќе ги здружат силите и ќе ја зајакнат координацијата меѓу институции во делот на воспоставување на преговарачките структури во очекување во јуни да добијат зелено светло за отпочнување преговори за членство во Европската унија.
Ова го потенцираа денеска на прес-конференција во Скопје вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и вршителот на должност министер за надворешни работи на Албанија Гент Цакај, кој е и овластен министер за Европа.
И Османи и Цакај, како главни политички преговарачи на двете земји денеска по средбата во СЕП напоменаа дека ќе работат зајакнато во престојниот период во меѓусебно консолидирање на пристапот во почетокот на преговорите, кои се надеваат дека ќе ги почнат по препораката, што државите би ја добиле во јуни.
– Како главни преговарачи со ЕУ разговаравме и за блиската координација во овој период во делот на воспоставување на преговарачките структури во државите и заедничка координација на активностите, бидејќи двете држави се на ист пат, во јуни да добиеме датум за почеток на преговорите. Една таква синергија во нашето координирање ќе им помогне на двете земји да можат полесно да ги реализираат реформскиот процес, преку размена на искуства, но и да ги убедиме земјите-членки дека овој регион треба да биде дел од ЕУ и дека со тоа се консолидира и стабилноста и безбедноста на целата Унијата – истакна вицепремиерот Османи.
Цакај се надоврза дека е потребно да се вклучат сите елементи во процесот на соработка меѓу двете земји, со цел да се овозможи размена на искуства на пат на евроинтеграциите.
– Станува збор за мошне важен процес за зголемување на нашите капацитети за отворање на преговорите. Разговаравме за организацијата на структурите во преговорите, што е поврзано со капацитетите на нашите институции и можноста да се соочат со сите предизвици во текот на преговорите – рече Цајак.
Нагласи дека е потребна координација на активностите на двете земји со цел да се овозможи Албанија и Северна Македонија да ги имаат истите перспективи на тој пат и да не се дозволат разединувања.
Османи му изрази благодарност на Цакај, поради тоа што неговата земја трета го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО и додаде дека тоа е рефлексија на добрите односите меѓу двете соседни држави.
Цакај и честита на земјата за историското достигнување со отворањето на вратите на НАТО, со почетокот на ратификацијата на Протоколот за членство и нагласи оти земјата во еден деликатен историски момент успеала да остане доследна на патот на евроатлантската интеграција.
Напомена дека сега во земјава останува да се стави во фунција Законот за јазиците, а на средбата, како што рече било разговарано за можнистите за унапредување на билатералната соработка, како и за одржување на следната меѓувладина конференција на двете земји.
Тој потенцира дека неговата земја е максимално подготвена да ја зајакне соработката со албанскиот фактор во Република Северна Македонија.
На новинарско прашање дали антивладините протести во Албанија можат негативно да влијаат на процесот на отпочнување преговори со Унијата, Цајак изјави дека одговор на ова ќе даде од Тирана и оти во моментов не сака да ја расипе свеченоста на неговата посета на земјава.