Џафери ја префрла одговорноста: Судот, а не Собранието ќе биде одговорeн ако избега Вељаноски

341

Претседателот на Собраието, Талат Џафери, на денешниот брифинг со новинарите рече дека судот, а не законодавниот дом ќе има одговорност ако избега Трајко Вељаноски осомничен во истрагата за организаторите на „27 април“.

Овој негов одговор беше во контекст на изјавата која ја имаше шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, дека нема да бара полицијата да ги следи Трајко Вељаноски и на Љупчо Димовски на кои Собранието не им го одзема имунитетот.

– Ако избегаат Собранието нека му ја мисли – рече Русковска.

Џафери, на денешната средба со новинарите, рече дека во Парламентот немало услови да се гласа за одземање на имунитетот на пратеникот и поранешен собраниски претседател Трајко Вељаноски, бидејќи претходно немало донесен заклучок на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. За тоа вчера го известил и Кривичниот суд.

Според него, Собранието немало заклучок врз основа на кој ќе се гласа, бидејќи во Комисијата односот на гласовите „за“ и „против“ одземање на имунитетот биле 4:4 што, како што истакна, значи дека немало заклучок ниту „за“ ниту „против“ одземање на имунитетот.

Тој вели дека го добил извештајот на Комисијата, но без заклучок. Врз основа на извештајот, тој бил должен да закаже седница иако по точката немало заклучок на надлежната Комисија.

Собранието, како што потенцира Џафери на денешната средба со новинарите, не ја носи одлуката по барање на судот, туку врз основа на заклучок на Комисијата, а таков во случајов немаше. За да не се случува ова во иднина, тој смета дека со измени на Деловникот треба да се предвиди решение како да постапува Собранието во случај кога нема заклучок на Комисијата.

Во врска со седницата на која требаше да се донесе одлука за одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, Џафери истакна дека ја прекинал бидејќи иако во салата имало 61 пратеник за кворум, немало мнозинство од 61 за изгласување на одлуката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...