И кој треба и кој не треба добил итен упат за ЕХО на дојка

Од Управата на „Мој термин“ велат дека денеска е значително намален бројот на поплаки на упатувањето, а матичните лекари велат дека сѐ уште имаат проблеми, но не како првите два дена.

352

На почетокот на примената на новите два упати во системот „Мој термин“, хаос се случил и на Клиниката за Радиологија каде вчера имало навалица од 20 пати повеќе пациенти од вообичаениот дневен прилив. На снимање во оваа установа биле упатени дури 422 пациенти со итен упат, и тоа најчесто за ЕХО на дојки, РТГ снимање на бели дробови, а поретко и компјутерска томографија и магнетна резонанца.

За илустрација, специјалист радиолог кој во смена работи шест часа, на ЕХО на дојки може да прегледа најмногу 18 пациентки.

– Беше вистинска „лудница“ тука од огромната навалица на пациенти, а најмногу ги  упатувале лекарите од Онкологија и Институтот за ТБЦ, од Пластична хирургија, а не и од матичните лекари. Па веднаш се запрашавме што е причината и има ли оправданост за толку итни упати до нас. Денес за среќа се потсмири состојбата. Кога  почнаваме да ги проверуваме упатите, испадна дека многу голем дел од пациентките што се итно упатени за ехо на дојка, всушност, биле за контрола, па им објаснивме дека ако им го закажат прегледот со овој упат, ќе го кликнат, но нема да важи, зашто  тој се издава за животно-загрозувачки состојби. Ако е за контрола, тогаш треба  вториот упат без термин да се издаде. Но имаше и навистина итни случаи, пациенти во колички, хоспитализирани на клиниките, меѓу кои и болни од рак од Онкологија, кои дошле на снимање, за нив и треба да важи итниот упат – велат од Радиологија.

Најчесто неинформираноста на лекарите била причина за поголем број издадени итни упати, но влијаеле и техничките проблеми и неподготвеноста на одредени софтверски куќи кои требаше да ги подготват новите прорами.

– Го решивме проблемот со огромната гужва за снимања така што се чувме со колегите од клиниките кои издаваа многу итни упати, а таму каде што имаше злоупотреби со ЕХО на дојка реагиравме и го затворија тој упат. А пациентките реагираа дека требало да бидат упатени на контролен преглед на дојки, а лекарот од Онкологија ги праќал на шалтер каде им бил креиран итниот упат. Се чини дека не сите одговорни биле на обуките за упатувањето, на која, за среќа, беа од нашата клиника, па ги надминавме некако проблемите – појаснуваат на Клиниката за радиологија.

Од Управата на „Мој термин“ велат дека денеска е значително намален бројот на поплаки на упатувањето, а матичните лекари велат дека сѐ уште имаат проблеми, но не како првите два дена.

Новина е дека и бебињата ќе се пријавуваат електронски од болниците уште по раѓањето, а дека и вработените медицински сестри во Патронажните служби побрзо ќе добиваат информации за новородените, за навреме да се појават во домот на бебето со совети за мајката.

– Овие служби дури ќе добиваат информации и за тоа кои жени се бремени, за да ги имаат во вид, а внесувањето гинеколошка и акушерска историја за пациентките од овие одделенија сѐ уште трае подготовката од софтверските куќи. Освен тоа, ќе има и електронска пријава за случај на смрт на пациент, а на тоа сѐ уште се работи со мртвопроверителни служби – велат од „Мој термин“.

Исто така, наскоро пациентот нема да мора самиот да оди да го земе резултатот од Микробиологија или од Патологија, бидејќи тој ќе може да се прикачи на издадениот  упат.

И приватните здравствени установи коишто немаат договор за работа со Фондот за здравство ќе треба задолжително да ги пријавуваат здравствените услуги што тие ги даваат во системот „Мој термин“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...