Вице Заев: Јас немам ништо со производство на канабис, ами моите први братучеди

1204

Брат ми нема потпишано ниедно решение за мене, рече Вице Заев на прашање од тужениот Александар Николоски на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 2, каде се одржа главна расправа по тужбата за клевета и навреда од братот на премиерот против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски.

Вице Заев рече дека на една национална телевизија тужениот Николоски изнел груби лаги и манипулации со кои му ги нарушил честа и угледот. Заев рече дека е семеен човек, има мали деца и роднини и дека е бизнисмен што ужива авторитет во средината каде што живее.

Заев истакна дека е сопственик и управител на две фирми од Струмица, „Тотал електрик“ и „Тотал инженеринг“, и дека има акции во уште 2 локални фирми. Тој рече дека не е сопственик на туларницата „Еленица“, туку бил член на Управниот или Надзорниот одбор, како и дека не бил сопственик на штедилницата „Пеон“.

– Во производството на канабис за медицински потреби немам допирни точки. Членови на моето пошироко семејство, мои први братучеди, да. Јас не – рече Вице Заев.

На прашањето на Николоски дали Вице Заев се чувствува како јавна личност бидејќи е брат на премиерот, Заев рече:

– Не се чувствувам така, јавноста можеби ме смета за јавна личност. И не сум барал јас интервјуа од новинари, туку тие барале од мене. И да бев јавна личност, тоа не ви дава право да изнесувате невистини за мене.

Вредноста на спорот е 30 илјади денари. Адвокатот на Вице Заев во тужбата образложил дека изјавата на Николоски кај неговиот клиент „резултирала со чувство на вознемиреност, напнатост и намалено расположение, пропратено со вегетативна симптоматологија, потење и црвенило на лице кое нешто предизвикало силна душевна болка кај него“.

Следното рочиште е закажано за 12 април кога треба да бидат изнесени и завршните зборови.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...