Велат дека е можно на овие претседателски избори да се случи чудна, да не речам смешна ситуација. ВМРО-ДПМНЕ за свој претседателски кандидат веќе ја предложи професорката Гордана Силјановска, поранешна министерка во влада на СДСМ. Има претпоставка дека владејачкиот СДСМ би можел за свој фаворит за трката да го избере Никола Димитров, поранешен дипломат во владата на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски.
За проблематичната одлука на Христијан Мицковски веќе пишував и сега оставам резултатите од изборите да ги потврдат моите аргументи. Однесувањето на СДСМ, пак, не ми е сосема јасно. Денко Малески беше идеален кандидат предложен од ДУИ, а со тоа и сигурен победник на изборите. Сега, откако таа шанса е прокоцкана, определбата за кандидат со спорна партиска и идеолошка афилираност, би значела дека СДСМ, всушност, нема свој уверлив кандидат и дека партијата е во сериозна кадровска криза. Тоа е, мала држава, многу слободни места во чиновништвото, се потрошија и роднините и пријателите…
Ако е така, има три начини да се реши проблемот:
Прво, СДСМ може да се приклони кон својот поранешен кадар, професорката Силјановска, која веќе почна да дава тврди просдсмовски изјави. На пример, вели дека нема да го сменела Договорот од Преспа. Па нормално. Сега ни Хорхе Паљурски не би го сменил. Ништо нема да смени Силјановска ако стане претседателка. Напротив, во свое име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, таа ќе ги легитимира сите политики на власта, против кои Христијан Мицковски вреви и се пењави секој божји ден.
Ете затоа, Силјановска би можела да биде идеален консензуален кандидат што ќе ги обедини ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Се шегувам? Не знам, можеби…
Втората добра шанса за СДСМ е Зоран Заев пак да си го погази зборот и да се кандидира за претседател. Нема дилеми дека Заев може да “повлече”. Мене таа идеја, се разбира, не ми се допаѓа, бидејќи тоа за Заев ќе значи вовед во политичка пензија, а за земјата битка за премиерската фотелја, веројатно нова политичка криза и уште поверојатни брзи предвремени парламентарни избори, со неизвесен исход.
Има и трета опција. СДСМ сепак да настапи со некој од партиските претенденти, па да добиеме трка со повеќе слаби натпреварувачи. Во таков случај, сѐ е можно. Дури може да не биде постигнат цензусот, па по сила на Уставот, претседател да ни стане Талат Џафери. Воопшто немам дилеми дека и тоа е нечиј план.
Како и да е, никој не може да одрече дека сме консензуални до даска. Консензуални во пропуштањето на златните шанси, во неспособноста да се препознаат државните интереси и да се стават над партиските, во негативната селекција на кадрите која нė доведува до тоа сите следни политички асови и гарнитури да бидат побледи од претходните.
Да беше поинаку, ова ќе беше нормална, а не параспур држава.