Пратеничките прашања ќе ги смират СДСМ и ДУИ

Најавата за утрешната седница остава впечаток дека СДСМ и ДУИ ја спуштаат топката откако два дена фрчеа обвинувања за тоа која партија шурувала со ВМРО-ДПМНЕ за Вељаноски да не го изгуби пратеничкиот имунитет.

1143

Седницата за пратенички прашања ќе ги смири пратениците од владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ и утре ќе ги седне во пратеничките клупи по жестоките кавги и обвинувања за тоа кој е виновникот за неодземањето на имунитетот на пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Собраниската седница на која Владата дава отчет на пратениците е закажана за утре наместо за последниот четврток од месецот, поради учеството на премиерот Зоран Заев на Виенскиот бал по покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц.

По бурните обвинувања меѓу СДСМ ДУИ, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа собраниска седница за утре откако два дена социјалдемократите го бојкотираа Џафери и во Собранието немаше пленарни седници.

СДСМ вчера не дојде на редовната координативна средба кај Џафери, а претседателот по ова ги откажа веќе закажаните пленарки.

Од СДСМ брифираат дека утре ќе дојдат на седницата за пратенички прашања и дека не смее да трпат работата на Собранието и реформите поради несогласувањата со ДУИ.

Од друга страна, Џафери не ја презакажал седницата во надеж дека пратеничката група на СДСМ ќе дојде на пленарката за пратенички прашања, иако денеска немало комуникација меѓу претседателот на Собранието и СДСМ за утрешната седница.

– Собранието мора да функционира, а сите работи за кои има недоразбирања ќе се тераат паралелно. Ќе треба време да се изанализира што се случи на седниците за имунитетот на Вељаноски – велат од СДСМ.

Ова остава впечаток дека СДСМ и ДУИ ја спуштаат топката откако два дена фрчеа обвинувања од Мухамед Зеќири, Павле Богоевски, но и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески од една страна и Артан Груби и претседателот Џафери од друга за тоа која партија шурувала со ВМРО-ДПМНЕ за Вељаноски да не го изгуби пратеничкиот имунитет.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...