Заев: Со право можеме да кажеме дека дел од визијата на Трајковски се исполни ВИДЕО

1380

Ненадејната смрт на претседателот Борис Трајковски ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател. Ни одзеде сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата, рече премиерот Зоран Заев во неговото обраќање на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател.

Премиерот нагласи дека не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција, посочи Заев, беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша.

– Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, беа најискрени и сосема различни од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски – рече Заев.

Тој ја спомена и улогаа на поранешниот претседател во решавањето на конфликтот во 2001 година.

– Беше оптимист со јасна претстава за реалноста и можностите, а неговата искрена посветеност сведочеше дека за него нема безнадежна ситуација. Тоа најдобро беше потврдено за време на кризата во 2001 година. Во тие моменти, кога пред иднината на државата се исправи неизвесноста, претседателот Борис Трајковски, како одговорен лидер, на своите рамена го презеде најголемиот дел од товарот и во ниту еден момент не се поколеба да го направи тоа, иако бил свесен за потенцијалните последици за неговата идна кариера во политиката – кажа Заев.

За Трајковски, посочи премиерот, стратегискиот интерес на Република Северна Македонија – нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО беше визија за реализација на која тој целосно се посвети.

– Целосно свесен за овој факт, во својата последна јавна изјава по повод потпишувањето на писмото кое ја придружува апликацијата за членство во Европската Унија, тој ќе порача дека задачата со која се соочуваме не може да ја заврши само една влада, само еден претседател или само еден министер. Уште порача дека сите мораме да придонесеме за нашата институционална интеграција во НАТО и во Европската Унија. Во име на неговиот спомен, и во име на неговите пораки од пред 15 години, ние денеска со право можеме да кажеме дека дел од тие пораки, дел од неговата визија – се исполнети. Нашата земја оваа година го завршува процесот за полноправно членство во НАТО – наведе Заев.

Целиот говор на премиерот можете да го погледнете во видеото подолу.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...