Бајрамовска: Во затворот во Шутка има сѐ – пропусти, мобилни, па и дрога

659

Заменичката народен правобранител Васка Бајрамовска во вечерашното гостување на телевизија Телма откри дека имало пропусти во затворскиот систем и управата, по инцидентот во затворот во Шуто Оризари во кој беа нападнати екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Бајрамовска рече декa по претресите на затворските простории пронајдени се предмети кои не се дозволени според куќниот ред на затворот.

Таа откри дека при претресите се пронајдени марихуана и мобилни телефони. Блокаторите на кои се повикуваат не функционираат во затворот, а телефоните, според притворените и осудените лица, се нешто кое лесно се добива за определена сума на пари од страна на затворските службеници.

– Очигледно дека давањето на определена дисциплинска казна со определен износ од плата не е доволно за да сериозно се сфати прекршокот што го прават, односно начинот на којшто постапуваат службените лица. Директорот самиот признава дека тоа е појава којашто очигледно укажува на вмешаност внатре, укажува на тоа дека ќе бидат преземени мерки, но не даде убедување дека тоа конечно ќе биде решено – изјави Бајрамовска.

Според неа и затворот признава дека нема проценка за безбедносен ризик внатре и изјави дека казнено-поправните установи се далеку од исполнување на пропишаните меѓународни стандарди.

– Самите затвореници велат дека во затворот може многу лесно да се дојде до се, само ако се има пари. Кажуваат дури и цени, кажуваат дури и шифри на кој начин комуницираат за да се дојде до определен предмет. Се продаваат легла и погодности, па и различни телефони, се продава дури и дрога – додаде Бајрамовска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...