Државниот „Телеком на Косово“ денеска соопшти дека прекинува со користење на меѓународниот код на Србија за фиксните телефонски повици и дека од сега во употреба ќе биде само новиот косовски код.
„Од 24 март кодот +381 повеќе не може да се користи. Сега треба да се користи кодот +383. Ве молиме да ги информирате своите блиски и пријатели“, се наведува во пораката на „Телекомот на Косово“ до неговите корисници.
Косово досега за телефонски повици од странство ги користеше меѓународните кодови на Србија (+381), на Монако (+377) и на Словенија (+386). Со новата одлука, за сите повици од странство на фиксната или мобилната телефонија ќе се користи кодот +383.
Одлуката за доделување посебен косовски меѓународен телефонски код е донесена пред две години, откако Србија се согласи Приштина да добие сопствен код, иако не ја признава независноста на Косово и и натаму официјално го смета за дел од својата територија.