ДСЗИ испитува кој сѐ и кого оперирале кај „Д-р Митановски“

А во однос на ПЗУ „Јанита“ изготвено е решение за забрана за здравствена дејност вон просториите за кои е дозволата издадена.

940

По трагичниот случај со 39-годишниот пациент од Ресен, кој почина во четвртокот, по операција на хемороиди во приватна ординација во Аеродром, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја забрани за работа ПЗУ „Д-р Митановски“ додека не обезбеди кадар, а се испитува дали и на кои сѐ здравствени установи и лекари им била издавана операционата сала. Ќе се прави и контрола на сите помали приватни здравствени установи.

– До денеска не е даден документ на нашето писмено барање, а оваа ПЗУ „Д-р Митановски“, која е регистрирана за пластична хирургија, да достави М1 и М2 образец, кога е во прашање лиценцата за работа, дали е информирано Министерството за здравство и на кои сѐ здравствени установи бил изнајмуван просторот, бидејќи таму била ангажирана и друга докторка – анестезиолог. А во однос на ПЗУ „Јанита“ изготвено е решение за забрана за здравствена дејност вон просториите за кои е дозволата издадена. Дадовме и рок од три дена оваа установа да достави договор со ПЗУ „Д-р Митановски“, со дополнително изјаснување дали е можен таков договор, бидејќи од ДСЗИ лекар има дозвола да работи таму каде е пријавен, а не може да изнајмува операциони сали во други установи – изјавија од ДСЗИ.

Исто така, до Инспекторатот треба да достават список на пациенти за кои била  изнајмена операционата сала, како и на доктори кои учествувале во овие интервенции.

– Понатаму ќе видиме како ќе реагираме, ако не достават тоа што го бараме, ние ќе  постапиме според законот. Истовремено, иницираме Министерството за здравство да формира комисија за стручен надзор за овој случај – велат од ДСЗИ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...