Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска беше отворен Медиа центарот опремен со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а наменет за потребите на претставниците на медиумите кои ја следат работата на Кривичниот суд.
Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, истакна дека центарот за медиуми ќе ја промовира транспарентноста и значајноста на работата на судот преку зајакнување на соработката меѓу судот и новинарите.
– Центарот ќе биде почетна точка од која новинарите ќе можат да добијат информација за работата и ќе им овозможи да ги следат судските процеси преку видео врска во живо во случај кога капацитетот на судницата е ограничен – истакна Која.
Претседателот на судот Иван Џолев рече дека целта на Медиа центарот е да се овозможат подобри услови за новинарите кога ќе известуваат за судките постапки.
– Заслужувате многу повеќе и затоа на овој Медиа центар гледајте како на прв чекор за тие подобри услови за работа – истакна Џолев.
Медиа центарот поседува шест компјутери со интернет конекција, видео конекција со главната судница, како и мала библиотека со стручна литература.
Џолев потенцира дека судот ќе остане посветен на транспарентноста како за медиумите, така и за невладините организации, а од новинарите побара да критикуваат кога има потреба од тоа, но и да пофалат кога тоа го заслужува судот. Тој ја нагласи и стратегијата за унапредување на комуникацијта со јавноста.
Џолев истакна дека за одбележување се и брошурите и таблите кои се изработени под покровителство на ОБСЕ и се двојазични преку кои им се објаснува на граѓаните кои се нивните права и обврски, како и правата и обврските коишто ги има судот кон граѓаните.
Фото: МИА