Со 15 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ), ќе се поддржат инвестициите на 39 мали и средни фирми, кои првично ќе отворат околу 160 работни места. Со ова е комплетирана првата транша од 100-те милиони евра од ЕИБ за мали и средни претпријатија. Директорот на МБПР Драган Мартиновски го информираше министерот за финансии Драган Тевдовски дека во текот на оваа недела проектите ќе бидат доставени до ЕИБ.
Речиси 90% од проектите во првата транша се долгорочни инвестиции. Најмногу се инвестира во деловни објекти, опрема и транспортни средства, а помалку во обртни средства.
Министерот Тевдовски посочи дека малите и средни претпријатија се важен дел од нашето стопанство, бидејќи тие претставуваат над 99% од вкупниот број на претпријатија кај нас. Тие учествуваат во креирањето на бруто-домашниот производ со преку 55% и во креирањето на работни места со 75%. Тој посочи дека од таа причина, Владата преку оваа кредитна линија, како и низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија.
– Евтините кредити од ЕИБ за мали и средни претпријатија во вкупна вредност од 100 милиони евра е наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност и зголемен извоз за малите и средни претпријатија. Со ова, но и преку активните мерки за вработување и мерките за поддршка на претпријатијата се поддржува секторот на мали и средни претпријатија, кој е од исклучително значење за економијата – вели Тевдовски.
Во септември минатата година од страна на министерот за финансии Тевдовски, потпретседателот на ЕИБ, Ендрју МекДауел и директорот на МБПР Мартиновски беше потпишан договор за нова кредитна линија од 100 милиони евра за мали и средни претпријатија. МекДауел тогаш порача дека поддршката од ЕИБ ќе расте со напредокот на земјата во ЕУ интеграциите и изрази силно уверување дека започнува период на продлабочување на соработката. Оваа кредитна линија е петта по ред од ваков тип. Вкупниот износ на финансирање од ЕИБ достигнува 450 милиони евра.