ВМРО-ДПМНЕ: Членови на кумановската група секојдневно се закануваат

221

Секојдневно сме сведоци како членови на кумановската група и нивни поддржувачи испраќаат пораки со кои бараат крв и одмазда кон сите политички неистомисленици на Зоран Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

– Заканите на Кумановската група на која Заев и ветуваше амнестија и меѓународна истрага не престануваат, а власта молчи. Зоран Заев неговите соработници кои се одговорни за безбедноста на државата не превземаат ништо. Ова отвора сериозен сомнеж дека зачестените закани не се случајни и не се без поддршка од структури од власта. Очигледно е дека власта нема намера да преземе ништо против оние кои се закануваат – смета опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали е тоа поради поддршката која им ја ветувал премиерот Зоран Заев во врска со настаните во Диво Насеље. Под закана се, велат од ВМРО-ДПМНЕ, животите на сите политички неистомисленици на аболицираниот Зоран Заев и неговиот криминален картел на власт.

– Обидот за линч на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески е само еден од низата скандалозни чинови кои го потврдуваат тоа. Власта знае во раните утрински часови да провалува во домови и да приведува недолжни граѓани кои пишале статус во кој го критикуваат Зоран Заев, а сега нема ниту изјава за тоа кој ги испраќа заканите. Нема ниту истрага за мотивите а ниту се превзема нешто за да се спречат намерите на оваа т.н. Кумановска група која се заканува за одземање на човечки животи – се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ бара судот да ги преиспита одлуките за притвор на Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски, Христијан Делев и сите други политички неистомисленици кои што, како што велат, се жртва на прогонот на оваа власт.

Исто така, од ВМРО-ДПМНЕ, бараат МВР веднаш да ги открие и санкционира лицата кои се закануваат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...