Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија денеска по повод десет годишнината од работата на охридскиот огранок ја одржа манифестацијата „Езерска средба – Охрид 2018“.
На средбата присуствуваа претседателот на Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, генерал Филип Котели, почесниот претседател – пратеникот генерал Илија Николовски, како и претседателите на националните здруженија на ветераните од армиите и безбедносните служби од Бугарија, Албанија, од Србија, како и други гости.
Покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во поздравното обраќање до учесниците ја нагласи континуираната поддршка и помош што Општина Охрид ја дава на невладиниот сектор, особено за проекти што ја интензивираат прекуграничната соработка и отвораат можност за заеднички настап со проекти пред европските фондови.
Стојаноски изрази уверување дека средбите како оваа ќе прераснат во трајна форма на поврзување, соработка и разбирање на народите од трите соседни пријателски земји во реализацијата на плановите и активностите на општините за добробит на граѓаните.