Во текот на изминатите неколку месеци направени се конкретни активности првенствено во насока на подобрување на условите и стандардите на работа на полициските службеници, реагира Министерството за внатрешни работи на изречените обвиненија од страна на Независниот полициски синдикат.
Од МВР информираат дека е направен план за обновување или целосна реконструкција на полициски објекти за различна намена и набавка на опрема за нормално фуниционирање на полицајците.
„Досега пет објекти веќе се предадени во употреба.Исто така во поглед на елементарните потреби за нормално функционирање на полицајците се започна со набавка на нова и комплетна полициска опрема која што етапно и согласно посебните планови во рамки на организационите единици ќе стигне до секој полициски службеник“ стои во реакцијата.
Во неа се додавс декс промени се започнати и во многу други сфери во МВР, но притоа примарно е што во министерство единствено простор им се отстапува на професионалците и добро обучени лица и нема простор за оние кои својата некомпетентност сакаат да ја скријат зад било каква организација.
ОД МВР информираат и дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во изминатиот период имаше неколку средби со претставниците на Независниот синдикат.
„Раководството на МВР и натаму е отворено за соработка со претставниците на синдикатот бидејќи тоа е во интерес на сите вработени во МВР“, се вели во реакцијата.
Во неа се констатира дека сегашното раководство наишло на многу лоша состојба во МВР кога дошло да управува со Министерството.