Сѐ повеќе сум убеден дека ако воопшто дојде до процес на суштински реформи во нашето општество, тоа ќе се случи дури откако Македонија ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија, жестоко притисната од потребата своите системски решенија, процедури и стандарди да ги усогласи со оние кои важат во елитниот европски клуб. Ако власта пружи отпор на тој посакуван притисок (а се надевам дека нема), тогаш и реформите и преговорите ќе се движат со забавено темпо или дури и ќе стагнираат. На наша штета, се разбира.
Значи, уште некое време, уште неколку месеци, можеби до крајот на годината, пред да почнат суштинските преговори, ние овде ќе си тртљаме со самите себе. Дебатата на глувите ќе се води на социјалните мрежи и при тоа уште и ќе си се убедуваме дека нашите најважни цели се Македонија да се ослободи од самата себе, да ја доврши „револуцијата“ и што подобро да го подготви погребот на ВМРО-ДПМНЕ. Од другата страна на „фронтот“, ќе слушаме слични небулози за СДСМ, закани за тоа што ќе ни се случи кога ќе дошло до „пресврт“ и до нова промена на власта и слични глупости. Со еден збор, уште некое време ќе ја продлабочуваме конфликтноста во општеството, сведувајќи ги нашите реформски капацитети на нула. За жал, тоа ќе биде голем хендикеп и кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, бидејќи од оваа тешка конфронтација во општеството ние нема да излеземе неоштетени.
СЈО мора да се интегрира во правосудниот систем
Како и да е, убеден сум дека Европа не ги разбира нашите „аргументи“ за наводната потреба да ја довршиме „револуцијата“ или да почнеме нова. Еве, прочитајте го интервјуто со Рафаеле Кантоне, претседател на италијанската Национална управа за антикорупција, за „Независен весник“, кој на прашања на новинарот одговара ладнокрвно и согласно со начинот на кој денес во модерна Европа се размислува за некои многу важни системски прашања. На пример, за прашањето за Специјалното јавно обвинителство во Македонија и особено за тоа дали требало да му се прошират ингеренциите, Кантоне дава „разочарувачки“ одговор:
„Ние во Италија не сме убедени во корисноста од постоењето на специјални јавни обвинителства. Зошто? Затоа што нашето правосудно искуство вклучува посебни оддели во секое јавно обвинителство што се занимаваат со борба против организираниот криминал. Нашиот пристап за правосудство е интегриран и ние сметаме дека постоењето на специјални јавни обвинителства треба да биде само краткорочно. Само со интегрирано и силно судство, со специјални секции во секое јавно обвинителство за борба против организираниот криминал, може да се спречи тој феномен“.
Кога овде кај нас се говори за потребата од интегрирање на СЈО во македонскиот правосуден систем (јас, на пример, упорно пишувам и се залагам за тоа), тоа се смета за поткопување на нашата најомилена естрадна институција. И нормално, следат навреди, закани, сомничења. Но, во Европа очигледно се размислува поинаку одошто кај нас, од Табановце до Гевгелија. И не само за СЈО.
Ве уверувам, утре, кога ќе преговараме со ЕУ, остро ќе ни биде кажано дека европските стандарди за правосудството не подразбираат притисоци врз судии (навреди, закани), не признаваат индиции (прислушувани разговори) за круцијални докази, отфрлаат нелегално прибрани докази, се противат на претерана и неоправдана употреба на мерката притвор (настрана понижувачките услови како во нашите затвори), бараат строго почитување на судските постапки, на правото на одбрана и на презумпцијата на невиноста, не прифаќаат драконска казнена политика и акцентот го ставаат на процесите на ресоцијализација на осудениците. Јас сум сигурен дека тоа ќе биде драматичен шок за нашата јакобинска правда и за нејзината медиумска поддршка, што сега се на дело, наводно во име на уривање на „остатоците од режимот на Груевски“, цели две години по неговиот пораз.
Исцрпување во јалови конфронтации во името на „повисоки цели“
Или, погледнете што вели водечкиот италијански антикорупционер за непотизмот, кој сега во Македонија е раширен со епидемиски размери:
„Непотизмот не само што е многу опасен облик на корупција, туку тој и ја помага, бидејќи лицето што е вработено преку еден вид услуга е расположено во иднина да возврати со друга услуга. Треба да има и да се применува нормативен систем со построги правила против судирот на интереси, кој ќе забрани вработување на лица кои се во роднинска врска со тие што именуваат или се во позиција да именуваат и вработуваат“.
Кратко и јасно – потребни се норми кои ќе забранат вработување на лица кои се во роднинска врска со тие што именуваат или се во позиција да именуваат и вработуваат. Не се важат „аргументите“ од типот дека сме биле мала држава, дека и децата на министрите и на пратениците требало „да јадат“ (па баш државен леб?), дека имало притисок од партиското членство и слични будалштини. Непотизмот е опасен облик на корупција, а цивилизираниот свет се определи за нулта толеранција на корупцијата. Точка.
И така… Едноставно, ако искрено сакаме да станеме членка на Европската Унија, ние ќе мора да ги прифатиме правилата на игра во тој клуб, а тоа значи многу повеќе од промена на еден автократски режим (нешто што веќе се случи). Тоа значи и и енергична борба со самите себе, со нашиот балкански менталитет, со нашиот хроничен дефицит на посветеност на изградбата на едно модерно, цивилизирано, одговорно и напредно општество. Наместо да демонстрираме таква посветеност, ние и понатаму се исцрпуваме во јалови конфронтации и поделба на општеството, оправдувајќи, во име на „повисоката цел“, поведение кое модерна Европа не само што не го толерира, туку веќе и не го разбира.