Втората половина на шеесетите, и понатаму во седумдесетите години од дваесетиот век, Скопје и скопјани, ќе ги паметат по подемот на занаетчиите, кои, во многу сфери од граѓанските потреби секојдневно се појавуваа на скопскиот пазар и ги нудеа своите услуги и производи. Ги имало и пред тоа, а особено се истакнувале во Старата скопска шарчија и на скопските јавни пазари, но, во овој постземјотресен период кога Скопје експандира, новокомпонираните занаетчии почнаа да изникнуваат како печурки по дожд.Развојот на приватниот сектор во Скопје, всушност, почнува да зема силен замав во втората половина на шеесетите и седумдесетите години. Државата, на многу едноставен начин на граѓаните им овозможуваше да дојдат до дозвола да регистрираат приватна дејност во која било област, одобрена од надлежните институции на сите нивоа. Занаетчиите, кои веруваа во своите квалитетни услуги и производи, добиваа право за отварање дуќан на локација која тие ја одбрале или ја понудиле, дуќан, во кој ќе се занимаваат со својата професија и услугите или производите ќе им ги нудат на скопјани. И работата тргна некаде. Каде? Хе…
Ќе се задржам на седумдесетите, период на мојата младост за кој најбистро се сеќавам на поентите од развојот на занаетчиството, влезот на светските технологии кај скопските занаетчии, но, и на нешто друго. Ќе се обидам овој опис да го направам преку неколку примери, со кои драстично почна да паѓа вредноста на паролата високо истакната во пространите холови на секое основно и средно училиште, како мегалајт кој не можеш да го утнеш и да сакаш, а на кој пишуваше – „Учи, и само учи!“ со сликите на Ленин и Тито, или оние домашните секојдневни родителски совети, кои, ти зујат во главата како болви зунзари – „Учи за да седиш во дебела кожна фотелја, да газиш по персиски килими, да наредуваш, а други да работат!“…
Да се разбереме. Овој период ги измести нормите на воспитувањето околу образованието од два аспекти. Имено, „Морски“ од Лисиче, „Тотоле“ во Козле, „Шишко“ кај Три куќи – Чаир, „Мечкаров“ К.Вода, автомеханичари, ценети занаетчии, опремени со сите најсовремени алати и инструменти за тоа време, почнаа да возат – мерцедеси, стотриесдвојки, опели сенатори, мазди и други марки на возила кои беа достапни само на Секретарите на ЦК на Р. Македонија, евентуално на Генералните директори на поголемите државни фирми, на високите функционери кои дотогаш ги криеле парите, градеа куќи и викендици на најатрактивните локации во Македонија пред тоа да го сторат многумина од високите политички функционери, признаени уметници, академици и големи директори. Натпреварот започна…
Фризерите можеа да бидат мажи, а берберите жени, кичевските мајстори на бурекот од старата Ванила почнаа да отвараат свои дуќани, мајсторите на највкусниот ќебап од Метропол отвараа свои ќебапчилници, и сите останати инвентивни или занесени по резултатите на споменатите погоре, се обидуваа да се пронајдат во своите креации и замисли како занаетчии приватни стопанственици. Лимунадџилниците на Шабан на Бит пазар, нивната украсеност со спектарот од боите на безброј шишиња полни со природни сирупи на стаклените излози, кристално чистите епрувети на штендерот на сред огромниот стаклен шалтер кој се спушташе и креваше, на ростфрај шанкот на предната страна, на сидрестите славини за точење на сода/вода, а тенките високи чашки со несвојствени за тоа време шари, ги пленеа муштериите од далеку. Редици пред двете лимунадџилници, од утро, до вечер…
Првите тостови скопјан(к)и ги намирисаа од киоскот „Ташкент“ на новиот Кеј на Вардар во близина на плоштадот, тогаш кога мирисот на лакот врз кожените јакни и Илирија боите за чевли кај Кенан пленеа за кратко, а копчарот Диме ја донесе првата Алпина во Скопје и набрзо му ја продаде на Мимин, синот на Ќорче, газдата на најпознатата слаткарница на Бит пазар „Баш Пеливан“, тогаш кога доктрината дека децата на докторите мораа да бидат доктори, на судиите судии, на директорите директори почна да зима замав како контраконкуренција на брзото богатење на занаетчиите, воглавно необразовани, кога Тантурот носеше улцински песок за да го постели околу првиот приватен базен на Водно, а немав ни за Дрина…
(продолжува) …