Екипите на Град Скопје и на јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ спроведуваат акција за комплетно чистење на каналите и на езерцата во првиот и во вториот дел од Градскиот парк.
Како што соопштија од Герадот, во акцијата се отстрануваат насобраните лисја, милта, наносите од земја и отпадоците, за да може езерцето да се наполни со вода. Се чисти и каналот што носи вода до целиот езерски систем во паркот. Како дел од овие активности се отстрануваат и исушените и искршени гранки на околните дрвја кои претставуваат опасност за посетителите на паркот.
Активностите за чистење на каналите и на езерцата во Градскиот парк ќе продолжат и во наредниов период.
Град Скопје апелира до граѓаните да не фрлаат отпадоци во каналите и во езерцата и да ја одржуваат хигиената на зелените површини во паркот.