Арсовски извади нови заразени од непотизам: Пратеничките Прентовиќ и Димовска си ги вработиле браќата

1251

Портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Димче Арсовски денеска објави уште неколку случаи во кои пратеници од СДСМ вработиле свои блиски роднини.

– Прво, вработен е братот на пратеничката на СДСМ, Татјана Прентовиќ во Македонската Опера и Балет. Многу не интересира кои се критериумите и квалитетите според кои баш братот на Татјана Прентовиќ се вработил во Македонската Операта и Балет? Второ, братот на пратеничката на СДСМ од Македонски Брод, Анета Димовска Симеска од стоматолог во приватна ординација е назначен за директор на Здравствениот дом во Македонски Брод. Немало ли доволно доктори да се изберат во домот за директор, па морало приватен стоматолог, патем и да е брат на пратеничка од СДСМ за да се именува на оваа позиција? – праша Арсовски.

Тој потсети на претходните, како што ги нарече, скандалозни вработувања на синот, сопругот и братот на пратеничката Мира Дизел Стојчевски, вработувањата на братот, синот и снаата на пратеничката Милева Ѓорѓиева, на мајката на пратеникот Костадин Костадинов, на синот на пратеникот Горан Мисовски, на кумот и внукот на пратеничката Фросина Ременски. Потоа вработувањето на братот на пратеничката Славица Митева Шуманска и уште десетици други случаи на блиски роднини на функционери.

– Зарази со непотизам бележиме и во два случаи на скандалозно вработување и именување на уште две пратенички од СДСМ. Еве ова е системот на партизирање и фамилијализирање на јавната администрација кој што го прават Заев и СДСМ од чистачка до министер како што имаше кажано. Сето ова граѓаните го плаќаат преку зголемени даноци или преку енормните задолжувања. Зарем во држава во која има толкав број на невработени, пред се млади луѓе, кои што секојдневно си заминуваат, е нормално токму роднините на функционерите на СДСМ да бидат или единствени пријавени или пак најдобрите и најквалитетните кандидати. Тоа за жал за СДСМ е нормално, па уште и лажно го морализираат – додаде Арсовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...