ИНТЕРВЈУ Проф. д-р Александра Грозданова: Ќе ја вратиме довербата во вакцините!

Имаме најсовремен календар за имунизација, обезбедивме да се внесат сите најнови вакцини со најригорозни барања во однос на нивниот квалитет и безбедност и се активираше електронската евиденција за примени вакцини. Останува на нас посветено да продолжиме да работиме, да соработуваме со родителите, да го вратиме високиот опфат со вакцинацијата и колективниот имунитет, вели д-р Грозданова, професорка на Фармацевтскиот факултет во Скопје.

1046

Во екот на епидемијата на морбили и кампањата за вакцинација, порталот Плусинфо разговараше со проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, професор на Фармацевтскиот факултет на УКИМ Скопје. Најавата за формирање Национално тело за имунизација е повод за прашањето од каде потребата за отворање нов „институционален фронт“ за поддршка на имунизацијата. Значи ли тоа дека имаме тренд на општо опаѓање на имунитетот на популацијата во Македонија? Д-р Грозданова вели:

– Препораката за формирање Националното координативно тело за имунизација ја добивме уште минатата година во февруари, на министерскиот форум организиран од страна на Светската здравствена организација, каде учествуваа 12 земји од Југоисточна Европа. Не станува збор за нов институционален фронт, туку за независно стручно тело кое ќе го координира целиот процес на имунизација, почнувајќи од набавка на вакцините, нивна дистрибуција и правилно ракување, следење на опфатот на имунизација, како и имплементирање на стручни препораки и законски одредби во делот на имунизацијата. Ваквото тело ќе биде одговорно за подготовка и реализација на национална стратегија, едукација и промотивни кампањи за важноста на имунизација. Актуелните случувања во нашата земја и во регионот, кои како и Македонија се соочуваат со изразен пад на опфатот на имунизацијата и состојби на епидемии, потврдија дека е потребно сериозно делување во сите овие сегменти.

Во последните неколку години следиме постојан тренд на опаѓање на опфатот на вакцинацијата во Македонија, што се должи на повеќе фактори. Покрај постоењето на антивакциналните движења, генералната недоверба на населението во јавно здравствените политики, нетранспарентноста за начините на набавка и квалитетот на вакцините што се користат и секако влијанието на информациите добиени од интернет имаат голем удел во ваквата состојба.

Одговорноста треба да ја преземеме и ние, здравствените работници, кои бевме недоволно гласни и аргументирани за овие прашања. Ваквата состојба ги доведува родителите во дилема и голем дел од нив потпаѓаат под влијанието на социјалните медиуми, преплавени со неточни информации за имунизацијата.

Докажано е дека не постои врска меѓу МРП вакцината и аутизмот

Впечаток е дека отпорот против вакцинацијата, кој стана популарен во последно време, е поткрепен не само со многу манипулации, туку и со многу недоумици, кои произлегуваат од недоволната информираност на граѓаните. Еден од примерите за тоа е упорното тврдење дека постои врска меѓу вакцинирањето на децата и аутизмот. Што вели медицината базирана на докази за тоа?

– Огромен број клинички студии и истражувања јасно потврдуваат дека нема директна асоцираност помеѓу вакцините и појавата на овие заболувања. Вакцините се примаат во најраниот период од развојот на детето, што е потребно со цел да се стимулира имуниот систем. Во тој период се следат и сите промени кои се јавуваат, па оттука говориме за т.н. здравствената коинциденција доколку се јават одредени проблеми или заболувања кај детето во тој период. Постојат сериозни и многу обемни мултицентрични студии, изведени во последните години во повеќе земји од Европа и во САД, во кои биле следени над 1 милион деца, кои покажале дека не постои поврзаност помеѓу МРП вакцината и аутизмот. Да не заборавиме, вакцините се користат повеќе од шест децении и генерации наназад се вакцинирани, а секојдневно вакцините ги примаат милиони деца на светско ниво. Заради успехот на вакцините, тие се, всушност, осудени на ваква компромитираност.

Ги разбирам и родителите, секој го посакува најдоброто за своето дете и секако дека се грижи за можните несакани реакции од вакцините. Сочувствувам и како здравствен работник и како родител со семејствата што имаа несигурност во однос на вакцините, но мора да знаеме дека не постои апсолутно сигурен лек. Сепак, вакцините се едни од најбезбедните лекови и бенефитот кој го имаат секако е многу пати поголем од изразено ретките несакани реакции од истите.

Како ги оценувате итните мерки на Министерството за здравство, преземени среде епидемијата од морбили? Ќе се постигне ли нешто со драконските забрани за прием на невакцинирани деца во училиштата и градинките? Може ли со кампањи на имунизација да се надомести она што веќе е пропуштено, со оглед дека бројките на невакцинирани деца се загрижувачки?

– Мерките кои се преземаат во случај на епидемии се со цел да се спречи ширење на заболувањето и намалување на бројот на заболени лица. Министерството за здравство правовремено ги презема сите чекори, вклучително и забрана за прием на невакцинирани деца во градинките, мерка која резултираше со спречување на појава на морбили по градинките. Ваквите можеби не толку популарни мерки кои беа и критикувани, верувајте дека заштитија огромен број деца сега да бидат заболени со морбили.

Задолжителната вакцинација е услов за запишување во градинка и во училиште и според моменталните законски одредби на Македонија, но поради одредени отстапки и децата што не се вакцинирани се примаат во училиште. Но, на таков начин и со севкупниот пад на опфатот на имунизација, се доведува во прашање намалувањето на колективниот имунитет, што е единствен услов за успешна превенција на овие инфективни болести. Во тој случај, сите ги доведуваме во опасност, а уште повеќе оние што поради возраста или здравствената состојба, не се вакцинирани.

Сведоци сме дека по прогласената епидемија во јавноста се зголеми свесноста за потребата од вакцинација против мали сипаници. Потребни се едукации и кампањи, но значењето и придобивките од имунизацијата не треба да се актуелни само кога ќе се јави епидемија, туку во континуитет и на секое ниво.

Нови вакцини според светски и европски препораки

Оваа година е сменет редовниот календар за имунизација во Република Македонија. Воведени се две нови редовни вакцини. Кои се тие и врз основа на што беше донесена оваа одлука, која е придобивката од новите вакцини?

– Од оваа година во редовниот календар за имунизација се воведуваат две нови задолжителни вакцини и тоа вакцина против ротавирусот и вакцина против пневмокок. Овие две вакцини повеќе години се присутни во голем број земји, конкретно рота вакцината се користи во 97 земји, а пневмококната вакцина во 140 земји во светот. Препораката за воведување на овие вакцини е од меѓународните организации СЗО и УНИЦЕФ, а на национално ниво оваа препорака е дадена од Комитетот за имунизација и експертите во областа на педијатријата.

Дополнително од оваа година оралната полио вакцина против детска парализа која се дава при ревакцинација се заменува со инактивна вакцина против полио. Со овие промени и проширувања, календарот за имунизација на Македонија ќе биде комплетно осовремен и според сите европски и светски професионални препораки.

Што претставува вакцината за рота вирусите?

– Рота вирусите предизвикуваат огромен проблем кај децата до две години со особено изразени дијареи и компликации. Рота вирусите се причинители за околу 25 отсто од заболувањата со дијареи кај децата до петгодишна возраст и се една од главните причини за морбидитет и морталитет во светски рамки. Најопасни се инфекциите кај малите деца од 6 до 24 месеци и може да дадат тешки компликации. Многу држави во светски рамки, вклучително и државите од Западна Европа, ја имаат во редовниот календар за вакцинација. Нашите педијатрите често во својата пракса ја гледаат оваа патологија и беа децидни дека повеќе од потребна е заштита со вакцина од овој вирус.

Воведени се и две нови повеќе валентни вакцини, за ХПВ и пнвемококна вакцина. Зошто се определивте за нив, чии препораки следевте?

ХПВ вакцината и досега беше во задолжителниот календар на имунизација, но како двовалентна, односно обезбедуваше заштита од два типови на ХПВ вирусот. Според препораките на Здружението за ХПВ на Македонија, како и според следење на светските искуства, од оваа година ќе се користи четиривалентна ХПВ вакцина, која обезбедува заштита од четири типови на ХПВ вирус.

– Посебно внимание предизвикува вакцината што може да спречи инвазивни пневмококни инфекции. Во дел од европските земји се користи 10-валентната пневмококна вакцина, но Македонија се определи за 13-валентната. Зошто?

– Воведувањето на оваа вакцина беше особено позитивно примено од страна на педијатрите, а според првичните информации кои тие ни ги даваат и родителите се информирани и заинтересирани за оваа вакцина. Бактеријата стрептокок пневмоние предизвикува чести заболувања особено кај малите деца и тоа инфекции на увото, синусите, воспаление на белите дробови, но и тешки компликации како воспаление на мозочните обвивки (менингитис) и инвазивни пневмококни инфекции. Помалите деца до двегодишна возраст, како и новороденчињата, имаат голем ризик за појава на овие заболувања. Оваа инфекција се јавува многу често кај децата што посетуваат градинки, како и кај деца со намален имунитет.

Пневмококната вакцина е во редовен календар за имунизација во многу држави во светот, вклучувајќи ги државите од Западна Европа, но и Словенија, Бугарија и Србија. Препораката за 13-валентната пневмококна вакцина дојде повторно од педијатрите кои потврдија дека заштитата од поголем број на серотипови и особено од високо инвазивниот 19А серотип ѝ даваат предност на оваа вакцина.

Имам целосна доверба во нашите вакцини

Во едно скорешно интервју, изјавивте дека вашите две малолетни деца сте ги вакцинирале со сите вакцини од редовниот календар за имунизација, во нашите здравствени домови, со вакцини што се користат во Македонија. Значи ли тоа дека имате целосна доверба во вакцините што се користат во нашата земја?

Точно, моите две деца се вакцинирани со сите вакцини од редовниот календар за имунизација во здравствените домови во Скопје, со истите вакции кои ги примаа децата од нивната возраст. Го почитував ставот на педијатрите и превентивните мерки и токму во епидемијата со морбили во 2011 година, мојот син беше вакциниран со МРП вакцината на седуммесечна возраст, мерка која и сега ја препорачуваме. Имам целосна доверба во квалитетот и безбедноста на вакцините кои сега, но и во минатото се користеле во нашата земја. Верувањето во она што го работите и довербата во системот во кој сте дел како здравствен работник, секој од нас треба да го има.

Личниот пример, како вашиот, секако не е за потценување. Дури и напротив. Но, дали тоа е доволно за да се врати општата доверба во имунизацијата? Што треба уште да се стори за да се постигне таа цел?

Искрено верувам дека со сериозни чекори и системско делување на секое ниво, ќе ја вратиме довербата во имунизацијата. Треба да работиме на многу нешта, на едукација на населението, правилно и стручно информирање на родителите, соработка со градиниките, училиштата и со општините. Да ги зајакнеме превентивните тимови, да ги мотивираме во нивната работа, бидејќи тие се столбот на успешната имунизација. Здравствените работници, особено педијатрите, ни се потребни како главни промотори на превенцијата и имунизацијата. Законските одредби и протоколите за имунизација апсолутно треба да се почитуваат.

Во изминатата година многу се направи во делот на имунизација, а Владата и Министерството за здравство покажаа силна поддршка во овој сегмент. Имаме најсовремен календар за имунизација, обезбедивме да се внесат сите најнови вакцини со најригорозни барања во однос на нивниот квалитет и безбедност и се активираше електронската евиденција за примени вакцини. Останува на нас посветено да продолжиме да работиме, да соработуваме со родителите, да го вратиме високиот опфат со вакцинацијата и колективниот имунитет. Само така ќе ги почувствуваме придобивките на имунизацијата како основна јавно здравствена мерка и дел од здравствена култура на секоја современа држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...