Доктор од Гевгелија ќе го освојува Монт Еверест

Експедицијата „Еверест 2018“ ќе има седум алпинисти, а во походот кон својата цел ќе ја води еден од најпознатите светски водичи, англичанецот Тим Моусдејл.

369

Инфектологот Ѓорги Петков, примариус доктор во Општата болница во Гевгелија, денеска како член на мешовита меѓународна алпинистичка експедиција, тргна во освојување на највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, висок 8.848 метри. Овој предизвик, според Петков, е остварување на неговиот долгогодишен сон еден ден и тој да застане на „покривот на светот“.

Покрај Петков, експедицијата „Еверест 2018“ ќе има уште шест алпинисти, а во походот кон својата цел ќе ја води еден од најпознатите светски водичи, англичанецот Тим Моусдејл кој до сега шест пати се има искачено на Еверест од јужната и од северната страна, од кои дури два пати во 2013 година.

Експедицијата ќе трае до почетокот на јуни. Чинот на освојување на врвот ќе трае три до четири дена, а дали тоа ќе биде на почетокот или крајот на мај, ќе зависи исклучиво од временските услови кои во наведениот период се идеални за искачување на Монт Еверест.

–За оваа експедиција напорно се подготвував физички и психолошки цели шест месеци затоа што планината е непредвидлива. Се искачив на повеќе врвови до 5.000 метри во Европа заради одржување на кондицијата, а на планината Кожуф секој ден пешачев по 10 километри, рече Петков.

Во изминатите десетина години, како член на планинарското друштво ,„Кожуф“ од Гевгелија се има искачено на највисоките врвови на речиси сите континенти. Најблиску до Монт Еверест бил при освојување на врвот Ајланд Пик на Хималаите, висок 6.183 метри, а највисоката точка до која стигнал како алпинист е врвот Ленин Пик во Киргистан, висок 7.200 метри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...