Е мои бедни апологети, поарно Красниќи да ви врзеше шлаканица наместо Заев!

Премиерот покажа дека е попаметен од своите квазисоветници и самоповикани заштитници на неговиот лик и дело – тој прецизно ја пресмета и огромната политичка штета од инцидентите во Шутка. Затоа побара оставка од директорот на затворот и истрага.

7025

Премиерот Зоран Заев денеска им врзе тешка, но заслужена шлаканица на квазиновинарите тртљаџии на Фејсбук, на квазибранителите на новинарската етика, на лажните трагачи по лажни вести и на квазифилозофите на социјалните мрежи – тој побара оставка од директорот на затворот во Шутка, по вчерашните два инцидента во дворот на оваа казнена институција, во кои имало повредени притвореници (Миле Јанакиески и Спиро Ристовски).

Заев практично го потврди она за што пишував синоќа на порталот Плусинфо, а поради кое остро бев нападнат токму од неговите најревносени медиумски апологети – случајот заслужува истрага и мора да има одговорност кој дозволил да има близок контакт меѓу двете групи меѓу кои настанала конфронтација. Брзата реакција на Заев и на министерката за правда Рената Десковска е директна потврда дека двата инциденти сепак се случиле, дека имало тепање и повредени и дека настаните не се измислени, како што тврдеа некои.

Впрочем, судејќи според статусот на Фејсбук на затвореникот Мухамед Красниќи алијас командант Малишева (сега тој статус е избришан, но е виден и регистриран), во кој тој им честита на напаѓачите и им се заканува на сите идни политичари што ќе дојдат во Шутка, нема дилеми дека состојбата и во овој, а веројатно и во другите затвори во Македонија, е надвор од контрола на затворските власти. А тоа, најблаго речено, е страшно!

Премиерот Зоран Заев покажа дека е попаметен од своите квазисоветници и самоповикани заштитници на неговиот лик и дело – тој прецизно ја пресмета и огромната политичка штета од инцидентите во Шутка. Имено, како што напиша и колегата Никола Тасев (еден од ретките, покрај мене, кој уште синоќа се осмели да го осуди срамниот чин), „ако не се разјасни овој напад, верувајте дека дел од народот ќе поверува во лагата на Груевски дека побегнал од државата, затоа што во затворот му бил подготвен линч“. Ете затоа е важно истрагата да се спроведе од независна и кредибилна комисија, во која мора да биде вклучен и претставник на ВМРО-ДПМНЕ.

Мене ми останува уште еднаш да потсетам дека Македонија е земја членка на НАТО, која ова лето треба да гипочне преговорите за членство во ЕУ. Не е случајно тоа што со остра реакција на инцидентот се огласи и канцеларијата на ЕУ во Скопје. Не сме сами на светот. А светот не е само Фејсбук. Власта и добронамерните луѓе мора да сфатат дека состојбите во затворите се слика и прилика на вкупните состојби во една земја. Затворските власти во секоја од установите од ваков вид, во секоја цивилизирана земја, мора да обезбедат апсолутна безбедност за секој затвореник или притвореник. Тепањето какво што се случило во Шутка не е дозволено, а во затворски услови, тоа не може поинаку да се нарече освен како линч.

Ќе си земам слобода и денеска да им се обратам до колегите новинари и бивши новинари, до сите оние коишто синоќа ме хејтаа, без да се обидат да допрат до вистината. Пак ќе им порачам дека нивните стрели не ме погодија и не ме обесхрабрија. И пак ќе ги потсетам дека сум навикнат на вакви напади уште од Грујово време, кога повеќето од нив беа во прегратките на режимот. Јас синоќа се обидов да ја извршам мојата професионална задача, најдобро што умеам. Малку успеав, малку згрешив, но мислам дека погодив во целта. А тие се посрамотија. Подобро Красниќи да им врзеше шлаканица наместо Заев.

Тоа е…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...