Александрова: Бараме домашен притвор за Јанакиески и Ристовски, Мицкоски да не драми

1528

Пратеничката Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ вчерашниот инцедент во затворот во Шутка го нарече настан без преседан.

– Се прашуваме како може во 21. век да бидеме сведоци на вакви случувања. Бараме одговорност и побрзо расветлување на случајот. Ги повикуваме министрите за правда и за внатрешни, како и директорот на затворот да си сноси одговорност, наместо да бара кој прв почнал – порача Александрова на прес-конференција во Собранието.

Таа побара директорот да си поднесе оставка ори нема изговори за ваков пропуст.

– Бараме домашен притвор за Јанакиески и Ристовски, чиј живот е загрозен во затворот. Ова покажува дека затворот Шутка не функционира. Го повикуваме и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски наместо да се слика со камери и да прави драми, да преземе конкретна реакција. Тој знае дека притвореник не може да се посети без дозвола и сметаме дека синоќешните драматични изјави се само шоу за пред камери – истакна пратеничката.

Александрова кажа и дека Мицкоски не посетил ниту еден од притворените од 27 април, а сега, како што рече, драми.

– Сакаме да се обратиме и до Христијан Мицкоски. Тој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, треба да сфати дека има поважни работи од тоа да биде сликан. Парадирањето вчера и демонстрацијата на сила е уште едно шоу, бидејќи тој знае дека не може да се посети притвореник без судска дозвола. Христијан Мицкоски, не ги посети луѓето од настаните од 27 април, кои веќе втора година се во притвор и за нив досега не покажа никаква грижа и интерес. Непреземената одговорност за сите важни одлуки за Македонија, не може да се прикрие со носење камери и драматични изјави – рече Александрова.

Таа повика и дека крајно време е да се стави крај на ваквите настани и премиерот да седне на маса со сите политички чинители и навистина да почне помирувањето.

Александрова нагласи и дека пратеничката група, што се отцепи од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за одземањето на имунитетот на Вељановски.

На новинарско прашање пратеничката негираше дека нејзината ќерка била вработена во Фонд за иновации.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...