Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања расправа за барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од Одделение за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд.
Вељаноски присуствува на седницата и пред членовите го образложи својот став за барањето.
Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ изјави дека е многу чудно што ја сменило одлуката на обвинителството, кога истите четири наводи по читани смс пораки ги имало на располагање уште од ноември 2017 година.
– И во јануари 2018 година одлучило врз основа на тие смс пораки дека нема основа за обвинение. Сега врз основа на истите пораки кои што им биле на располагање една година покасно, гледаме дека има основа за обвинение за тероризам – вели Милошоски.
Тој изрази сомневање дека во изминатава година „некој од политички побуди или можеби други побуди, влијаел на обвинителството, потоа да го смени својот став“.
– И оние материјали кои што претходно ги оцениле како несуштински и немање основа за обвинение за тероризам, денес да ги квалификуваат како обвинение за тероризам против пратеникот Трајко Вељаноски – вели Милошоски.
Тој појасни дека со овој чин се покажува дека правната држава е подредена на политичката волја која што во моментот се одликува со политички прогон врз политичките неистомисленици.
Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот.
По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.
Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.
Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор