Нема правник, нуту граѓанин, кој нема сомнеж за амнестијата. Обвинителката Вилма Русковска вчера кажа дека сите сме уценети со Законот за амнестија. Од ова се доведува во прашање легимитетот на постапката, истакна обвинетиот Митко Чавков во одговор на репликата на застапникот на обвинението за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Бранителот на обвинетиот Мунир Пепиќ, Еленко Миланов рече дека ако за Обинителството, Пепиќ не бил тој ден на служба, вчера слушнавме дека бил и според нив, составил смешен извештај.
Обвинетиот Јане Ченто, пак, посочи дека нема да подлегне на потценувачкиот однос на обвинителката Русковска. Додаде дека ќе докаже оти му нуделе да биде заштитен сведок на Обвинителството, и дека еден ден ќе одговараат за тоа пред суд.
Пред почетокот на судењето обвинетиот Ченто побара да се одложи расправата додека да дојде Русковска за, како што рече, да се соочат со неа за нејзиното излагање.
Судијката Добрила Кацарска рече дека Судот не може да бара од обвинител за тоа кој ќе присуствува на расправата.
Судскиот процесот, што почна во август минатата година се водеше против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие ги дадоа завршните зборови пред Судот, по што се очекува Судечкиот совет да ја соопшти пресудата.