Не зборувам напамет кога велам за нарачаните убиства на Заев, само што во овој момент ни на крај памет не ми е со нив да излезам во јавноста. Ќе дојде момент кога ќе профункционира правната држава, вели Христијан Мицкоски, лиерот на ВМРО – ДПМНЕ во изјава за Независен.
– И Милошевиќ и Чаушеску го правеа истото: апсеа неистомисленици, вршеа притисок врз медиумите, рекетираа, затвораа, па знаеме како завршија – вели лидерот на опозицијата.
Тој очекува апсењата на поранешни и сегашни функционери на неговата партија да продолжат и следниот период.
– Заев прво сака да нè испровоцира за да преземеме чекори како албанската опозиција и да излеземе од Собранието. Второ, со нашето излегување од Собранието да предизвика политичка криза поголема од оваа сега и потоа нас да нè обвини дека сме виновни што нема да добиеме почеток на преговорите со Европската Унија. И, трето, сака да нè испровоцира да ги бојкотираме претседателските избори, па нивниот кандидат, веројатно Никола Димитров, да добие шанса да победи бидејќи, ако и ние се натпреваруваме – јасно е оти ќе победи професорката Силјановска-Давкова. Ништо од тоа нема да му успее – порачува Мицкоски.