Тековната 2019 година се повеќе се споменува како година за постигнување траен договор меѓу Белград и Приштина. Со 2019 година млицитираат и во Брисел и во Приштина. Вашингтон го зголемува притисокот врз двете страни во дијалогот, а официјален Белград испраќа контрадикторни пораки.
Аналитичарите, од друга страна, веруваат дека во ситуација на замрзнат конфликт и растечки тензии, такво сценарио не е веројатно, ниту пожелно.
На панелот на Минхенската безбедносна конференција, српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за иднината на дијалогот Белград-Приштина: „Не ја отфрлам можноста за постигнување компромисно решение, но денес, за жал, сме многу далеку од тоа”.
А за тој далечен пат да се мине беа доволно само два дена – кога во интервју за американски Блумберг, претседателот рече дека е дојдено време за конечен договор со Приштина.
– Двете страни знаат што сакаат и не е толку далеку како што изгледа. Но, ќе биде потешко од пеколно тешко. Завршувањето на спорот меѓу Грција и земјата која сега се нарекува Република Северна Македонија беше полесно – рече Вучиќ.
Дали да се верува на Вучиќ од панелот, Вучиќ за Блумберг или заменик директор на Канцеларијата за КиМ кој на РТС ја повторува тезата дека ќе биде тешко дијалогот да се помрдне од мртва точка, бидејќи Приштина не е подготвена за компромис.
– Тачи повторува дека ќе има договор, дека се подготвени, ама како? Со повикување на Уставот што не го признаваме? Ние сме во Брисел, бидејќи не ве признаваме. Ако сами можете да ги решите проблемите, зошто не влеговте во ОН и Интерпол? Ако меѓународната заедница сака да најде решение, Белград мора да учествува во таа одлука, а српската страна не може да биде страната која доживува порази – рече Петар Петковиќ, помошник-директор на Канцеларијата за КиМ.
Во Приштина во неделата – се прославуваа 11 години од независноста кога косовскиот претседател Хашим Тачи рече дека 2019 е година во која се очекува конечно решение за косовскиот јазол.
Аналитичарите, пак, тврдат дека таквата идеја за „историски импулс” е празна флоскула.
– Кога не знаете што да правите, вие смислувате зборови за да го опишете она што не знаете да го направите. Тоа е една од оние синтагми, т.н. историски моментум. И тоа навистина трае од 2017, 2018, 2019 година. Се работи за еден притисок од Америка. Од некоја непозната причина, американската администрација, оној Стејт департментот смета дека може да се заврши до крајот на март, додека Могерини се уште е во политички живот. Во суштина, нема никакви потези, ние сме сега во ситуација, зад онаа во 2013 година, кога беше потпишан првиот Бриселски договор – оценува Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи.
Дека притисокот за итно решение доаѓа од надвор, исто така веруваат и Србите на Косово.
– Сето тоа е оптоварено со наметнат став дека сè треба да се реши сега, дека сè мора да се реши веднаш … Сите стравуваме што ќе се случи кога ќе дојде март, бидејќи многу добро знаеме дека сите турбулентни политички настани на Косово се случуваат во првите месеци од пролетта – забележува Стефан Филиповиќ од Центарот за мир и толеранција.
Во ситуација кога приштинските такси на стоката од Србија сè уште се во сила, а дијалогот е замрзнат, на аналитичарите им е тешко да поверуваат дека нешто може да се реши до крајот на годината и се сомневаат дека итни решенија би довеле до траен мир.
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER