Сари: Не разбирам зошто луѓето велат дека нашата сезона е толку негативна, а на Арсенал – импресивна

Дали сум на еден пораз од разрешување? Не ми е гајле, ако морам да бидам искрен. Морам да размислувам за мојата работа од гледна точка на големата слика, во спротивно нема да ја извршувам мојата должност правилно. Затоа продолжувам по својот пат и ништо не се сменило, барем не колку што јас знам, изјави Сари на пресот по натпреварот синоќа.

169
ФОТО: EPA / NIKLAS HALLEN

Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, одговори на зголемениот број критики откако неговиот тим успешно го надмина шеснаесетфиналето во Лигата на Европа. Синоќа „сините“ го совладаа шведски Малме со 3:0 и со вкупни 5:1 одат во следната фаза.

Сари беше подложен на бројни критики поради фактот дека во претходните 10 натпревари „сините“ регистрираа 5 порази, вклучувајќи 0:4 од Борнемут и 0:6 од Манчестер Сити, против кого овој викенд играат финале во Лига Купот. Италијанецот беше категоричен дека неговиот тим не ги заслужил критиките и потсетите дека при доаѓањето тој наследил тим кој завршил надвор од топ 4 во претходната кампања.

– Дали сум на еден пораз од разрешување? Не ми е гајле, ако морам да бидам искрен. Морам да размислувам за мојата работа од гледна точка на големата слика, во спротивно нема да ја извршувам мојата должност правилно. Затоа продолжувам по својот пат и ништо не се сменило, барем не колку што јас знам – изјави Сари на пресот по натпреварот синоќа.

Италијанецот додаде дека неможе да разбере зошто луѓето велат дека сезоната на Челзи е толку негативна, а за споредба го даде градскиот ривал Арсенал.

– Слушам луѓе како ја фалат сезоната на Арсенал, но овој тим нема да игра финале за Куп, има помалку поени од нас во шампионатот и исто како нас се пласираше во осминафиналето во Лига Европа. Не разбирам зошто луѓето велат дека нашата сезона е толку негативна, а на Арсенал – импресивна. Точно е дека имаше многу подеми и падови, вклучувајќи и некои многу фрустрирачки, но со оглед на амбиентот и дека ова ми е прва сезона во ново првенство, мислам дека е прифатливо. Сепак, зедов тим кој заврши на 5 место со 70 поени – изјави тој.

Сари исто така даде духовит одговор на гласините во италијанските весници дека имал вечера со консултантот во Рома, Франко Балдини.

– Гласините за вечерата ги слушнав синоќа, но за последно чув дека Балдини е во Јужна Африка, а јас нема да одам дотаму за вечера. Мирно можете да ги определите информациите како глупости – изјави тренерот.

ФОТО: EPA / NIKLAS HALLEN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...