Откако се огласив со протестна колумна против линчот врз притворениците Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во затворот во Шутка, дел од моите колеги и ФБ пријатели (хејтерите не ги есапам), наместо да се обидат да дознаат што навистина се случило, се приклонија кон официјалното соопштение на затворската управа и остро ме нападнаа.
Не ме чуди тоа. Напротив. Тоа е таа атмосфера на линч за која пишувам и која систематски се креира во некои медиуми со месеци, наместо да се поддржат судските процедури коишто обезбедуваат рамноправност на странките во судските постапки, квалитетни доказни постапки и правични пресуди.
Вечерва се потрудив да обезбедам дополнителни информации за настаните во затворот во Шутка, од повеќе извори. Имајќи ги предвид и досега изнесените официјални информации, ова се петте факти за кои сметам дека се неспорни:
Прво, Јанакиески и Ристовски биле нападнати и тепани. За првиот имам информација дека тоа лично му го потврдил на својот адвокат. Поради страв дека има потешка повреда (скршеница), Јанакиески бил однесен во болница. Точно е дека во болница не биле констатирани телесни повреди, што е среќна околност и добра вест, но точно е и тоа дека на неговото тело имало видливи траги од тепањето.
Второ, има информации дека Спиро Ристовски на лицето имал видливи траги од ќотекот.
Трето, затворските власти во Шутка уште вечерва можат многу едноставно и уверливо да ги демантираат овие наводи, објавувајќи фотографии од двајцата притвореници (од нивните тела и лица), како и нивни изјави за тоа што навистина се случило. Ние ја слушнавме верзијата на затворската управа, па ред е да слушнеме што велат нападнатите. Audiatur et altera pars!
Четврто, информациите и полуинформациите за напаѓачите, како и за околностите на нападите, сѐ уште се во доменот на шпекулациите. За да се расчистат дилемите, најпогодно е Министерството за правда да формира независна комисија што ќе го истражи случајот, а во комисијата задолжително да има и претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Нека биде фер.
И петто, затворските власти во секоја од установите од ваков вид, во секоја цивилизирана земја, мора да обезбедат апсолутна безбедност за секој затвореник или притвореник. Тепањето какво што се случило, не е дозволено, а во затворски услови, тоа не може поинаку да се нарече освен како линч. Овој линч, за среќа, минал без потешки последици. Но, управата на затворот во Шутка ѝ должи јавноста уверлив одговор зошто не успеала благовремено да ги спречи инцидентите. Дотолку повеќе што според официјалното соопштение на самата управа, меѓу двата инцидента (тепања) минало доста време, безмалку два часа, па управата можела да направи проценка на ризикот и со засилена контрола и внимание да го спречи барем вториот инцидент.
На крај, сакам да упатам и една порака до колегите новинари и бивши новинари, кои ме хејтаа на Фејсбук, без да се обидат да допрат до вистината:
Вашите отривни стрели не ме погодуваат. Вашите вербални атаци не ме засегаат и не ме обесхрабруваат. Навикнат сум јас на вакви напади уште од Грујово време, кога повеќето од вас беа во прегратките на режимот. И тогаш, кога трагав за вистината за злото на тој режим, исти меѓу вас „етички“ ме судеа, објавуваа смешни и комични „пресуди“, а сѐ со цел да им угодат на своите налогодавци. Сум простил, но не сум заборавил.
Нема да запрам. Природно е кога се работи да се објавуваат и погрешни наводи (како неточната информација дека раката на Јанакиески била скршена, која очигледно потекнува од неговата паника после силниот ќотек, што е сосема природна реакција), но тоа не значи дека Плусинфо ќе се откаже од намерата да открие што навистина се случило во Шутка. Затоа, овој портал ќе ги пренесува сите информации и изјави од сите засегнати страни. Тоа е наша професионална обврска.