Новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за вложувањата во здравството покажува силен тренд во растот на глобалните вложувања во здравството, особено во средно развиените земји каде што инвестициите се зголемија за шест проценти годишно, во споредба со четири проценти во високо развиените земји.
Владите просечно учествуваат со 51 отсто од здравствената заштита на земјата, додека повеќе од 35 отсто доаѓа од сопствени вложувања на поединци во здравствената заштита. Една од причините за тоа е што 100 милиони луѓе секоја година влегуваат во екстремна сиромаштија.
Извештајот на СЗО нагласува дека трендот на финансирање во средните и ниско развиените земји е во опаѓање.
– Зголемувањето на домашната потрошувачка е од суштинско значење за универзалната здравствена заштита за одржливи развојни цели поврзани со здравјето. Здравствените трошоци не се трошок, тоа е инвестиција во намалувањето на сиромаштијата, во производството на работни места, инклузивниот економски раст и поздраво, побезбедно и почесно општество, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданон.
Во средно развиените земји, владината здравствена потрошувачка по глава на жител е двојно зголемена од 2000 година. Во просек, владите вложуваат повеќе од 60 долари по човек и речиси 270 долари по човек во високо развиените земји.
Во ниско и средно развиените земји, новите податоци покажуваат дека повеќе од половината здравствени вложувања се насочени во примарната здравствена заштита. Сепак, помалку од 40 отсто од сите вложувања во примарната здравствена заштита доаѓаат од владите.
– Сите 184 земји членки на СЗО го признаваат значењето на примарната здравствена заштита со усвојување на Декларацијата од Астана минатата година. Тие сега треба да дејствуваат на основа на Декларацијата и да дадат приоритет на инвестициите во квалитетна здравствена заштита во заедницата, изјави др Агнес Шоукат од СЗО.