Обвинетиот Вилијам Михајловски во завршните зборови на судењето за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година рече дека амнестијата за дел од обвинетите е селективна како и целиот случај.
Михајловски нагласи дека во Собранието влегол понесен од атмосверата бидејќи бил револтиран што таму се пеела химна на странска држава и дека, како што рече, се спроведувала “тиранска платформа”.
Тој пред судот праша како амнестираните Стефан и Михаил Младеновски уште првиот месец биле пуштени во куќен притвор, а подоцна и ослободени.
– Обвинителката Вилма Рускоска, која беше назначена за шефица на организиран криминал од Коле Штерјов, без проблем ја прифати амнестијата и ги ослободи Стефан и Михаил. Едниот му ја пукна аркадата на Локвенец, а другиот го удираше Заев – истакна Михајловски.
Завршен збор треба да дадат уште обвинетите Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо.
Претходно денеска завршен збор даде обвинетиот Влатко Трајковски, кој од судот побара да му суди за тоа што го сторил, но не за тероризам и посочи дека единствена негова грешка е што се нашол на погрешно место во погрешно време.
Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.
ФОТО: EPA/STR