Глас за Сиљановска? Не, фала!

Со што до сега оваа госпоѓа професорка се квалификувала во досегашниот наш живот за да ни се претставува како спасител на Македонија од злобниот Зоран Заев? Во сегашноста, гледаме, со ништо. А во минатото?

9506

Да ја гласам Сиљановска? Не. Не! Всушност – не! Море, ниту во лудило! Не планирам да гласам за Гордана Сиљановска, ниту на некому друг му препорачувам таков мазохистички чин. Ниту на претседателски избори, ниту за претседател на куќен совет, ниту на Евровизија, ниту би ја гласал по бикини. Никогаш и никаде. Ако истрча, а веќе истрча, нека победи без мене. Сега кога се објаснивме, може да почнеме со образложенија зошто „не“ за госпоѓата професорка.

Имено, пред неколку денови професорката Силјановска ја обзнани претседателската трка на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, изгласана е со 400 потписи на делегати, а разно-разна чаршијска параполитичка кујна, Силјановска како кандидат ја турка од поодамна, штелувајќи го јавното мнение дека таа е единствениот сериозен опозиционен кандидат (Влатко Ѓорчев беше навистина како Тоти, само во опсајт!), и оваа комбинаторика ја знаеја сите, барем оние разумни, ама не ја знаеја единствено безбројните наши тапоумни мудреци од нашата политикантско-аналитичарска сцена, па сега со право се треснати в лице и „на прва“.

Соколењето на Сиљановска, и објаснувањето до нејзините потенцијални гласачи дека таа е „надпартиска“ личност, воопшто не е втемелено. Најпрво, затоа што ги поттценува и шансите на Филип Петровски, а светот секако е луд, па кога можат сите да се кандидираат за претседател, зошто пак не би можел да се кандидира и еден Амди Бајрам?! Аха, разбирам, Филип Петровски не се рачуна затоа што тој не е „опозиција“, поготово не онаа проевропска и демократска. Па, добро, се разбира дека Филип П. не е тоа, ама зошто, кога веќе тоа го констатиравме, зошто мислите дека Сиљановска е тоа? Аха, па како тоа може да се види, то ест, како може да дознаеме дека Сиљановска е за демократија и Европа?

Дали за овие десет години груевизам, Сиљановска примети дека нешто „необично“ се случува во нејзината земја? Дали примети дека нешто не е во ред со внатрешната политика? Дали примети нешто дека не е во ред со надворешната политика? Дали Сиљановска заради било која видлива, мерлива политика, застана на страната на оние против кои Груевски и неговата камарила водеа крстоносни војни – опозицијата, медиумите, неподобните интелектуалци, или било кој друг? Не, почитувани, госпоѓата си ја гледаште „својата работа“ некаде out there, како да е, што знам, Мајкл Џордан; со таа разлика што Џордан од Македонија ниту очекува, ниту нешто бара, па со самото тоа оваа земја ништо не му должи, ниту пак тој нешто и должи. За разлика од Сиљановска, човекот е приватна личност, по професија е фрлач на топки во кош. А, добро, која е таа, и што нам ни е таа Гордана Сиљановска?

Со што до сега оваа госпоѓа професорка се квалификувала во досегашниот наш живот за да ни се претставува како спасител на Македонија од злобниот Зоран Заев? Во сегашноста, гледаме, со ништо. А во минатото?

Во минатото го имаме нејзиното стерилно „си-ви“ кое е закачено на УКИМ, ене го, стои, петнаесет минути човек го гледа, не мрда пустото, не дава знаци на живот, ништо не се разбира, веројатно од академска позиција нешто значи, па се поставува прашање, тогаш зошто еден академик бара поддршка од партија која е нереформирана и длабоко компромитирана, па уште бара и претседателски ангажман на цела држава!?

Да потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ како нереформирана партија е персонификација на груевизмот, имплицитно и експлицитно брутална популистичка партија, заслужна за брутален национализам и изолационизам на земјава. Што и да направеше Груевски, на земјата и нанесуваше штета, дури и уживаше во тоа. Зарем тоа го заборавивме? Зарем заборавивме што се случуваше на 27 април 2017 година? Таа партија создаваше монопол во јавниот настап, делуваше во „име на народот“, додека сите други ги прогласуваше за „одродени“, „предавници“ и „квислинзи“, па уште ја слушаш Сиљановска како вели дека е „надпартиска“, како е таа надпартиска кога нејзината партија ги подели луѓето убедувајќи не’ дека „не сме сите народ“? Консеквентно на тоа, популизмот за „свој народ“ ги подразбира само своите гласачи, а не целиот број на жители, и сета шареноликост на едно општество. Идентично мислеше и Груевски, па се задржа на власт 11 години, па му се дигна цела Македонија затоа што и „збоктиса“ тој да ја мери релевантноста на гласови.

А, пред да стане професорка, што беше во јавниот и политичкиот живот граѓанката Сиљановска? Ја памети ли некој, што знам, по својот младешки ангажман за слобода, демократија, човекови права, нешто, било што од тој репертоар (како што паметиме многу други од јавната сцена, па дури паметиме и помлади од неа?)? Ма, јок, море! Ако ја паметиме, ја паметиме само како професорка на УКИМ, професорка која секогаш од безбедна дистанца ја ширеше „вистината за Македонија“. Некоја врста на второлигашка „самозаштитена мајка“. Никакви вредности, никаква содржина, нема ништо тука што би ја легитимирало како носител на посакуваната алтернатива. Дури мислам, а, ако човек нема што да каже во политиката, најлесно е да се лупета, да се сокрие во таа шуплина од типот, „еј, слушајте, и јас сум за владеење на правото“. Тјах (!), многу мудро, нема што.

Слушајте, ако на ВМРО-ДПМНЕ му е до сериозна политичка борба, тогаш таа партија мора да се реформира. Мора да донесе нови луѓе кои ќе создаваат и афирмираат вредности, не смеат повеќе да се држат за „готови производи“, доста игра со политика од типот: тоа што ќе се најде на лагер, тоа ќе биде. Овие избори за ВМРО-ДПМНЕ се клуч, се можност за нова партија со нови луѓе, модерна десница која ќе го држи фронотот во оној спектар од политиката што се нарекува „центар-десно“. Со други зборови, опозицијата мора да искристализира лидер (или можеби неколку лидери?), а тоа не може да го направи без сериозни реформи во партијата. Јас познавам неколку репрезентативни личности (и вредности!) во таа партија.

Ако тоа го нема, тогаш на оваа партија доволна и е Сиљановска. Ама, ви реков, без мене. Постои црта, и тука ја подвлекувам – нема да може, нема да пројде. Јас за Мицкоски, односно Сиљановска нема да гласам. А вие како сакате.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...