Сите ние, земји кандидати за членство во ЕУ, имаме амбиција, но и заедничка цел да бидеме дел од ЕУ, бидејќи само стабилен, безбеден и просперитетен Балкан е силен гарант за стабилна, безбедна и просперитетна Европа во целина, изјави вицепремиерот Бујар Османи на состанокот на министри задолжени за европски прашања од земјите од Западен Балкан во Виена.
– Во регионот има нова реалност наречена Република Северна Македонија. Тоа е земја која недвосмислено станува 30-та членка на НАТО алијансата, која има реали очекувања да ги започне преговорите за членство во Европската Унија годинава. Тоа е земја која прераснува во пример за организирана мултикултурна, мултиетничка и мултијазична функционална демократија – рече Османи, посочувајќи дека земјава веќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, но и дека успеа да ги затвори сите поголеми отворени прашања и внатре, дома.
– Се надевам дека нашата успешна приказна ќе претставува поттик и за останатите земји од регионот, тука секако особено мислам и на Косово и Србија, за проширување на нивните политички видици, оставајќи повеќе простор за компромис, позитивен пристап и дипломатска политичка волја за окончување и на нивниот спор -истакна Османи.