Исклучоци кои го потврдуваат правилото

Значи, може само да се разгледуваат жалбите и да се постапува по нив, а не да се доставуваат дополнително други документи и слично, Зашто, тогаш тоа се прави селективно, пристрасно, необјективно, паушално и правно неиздржано, недозволиво и нерегуларно, независно за кого да станува збор.

762

Секоја година во ова време, а тоа стана веќе непишано правило, се кршат копјата околу резултатите од Конкурсот за проекти на Министерството за култура на Република Македонија. Така е не со години, туку со децении, независно кој е на власт – секогаш има повеќе незадоволници отколку среќници. Па, дури и тие што би требало да се (пре)задоволни – коментираат, реагираат и негодуваат дека можело и требало да добијат повеќе?! А, тоа е така зашто не станува збор за естетски и вредносен конкурс, туку за социјален конкурс од типот секому по малку, за да има мир во куќата, а не само и докрај според реални и објективни параметри и критериуми.

Сите негодуваат и сите се безмалку во парво. Првите што не добиле воопшто ништо, или добиле (пре)малку, а другите што добиле повеќе, но не доволно и толку колку што очекувале!?

А, сепак, не станува збор само за социјален конкурс и за урамниловка од типот секому по малку (читајте: трошки, залаци или кнедли за сите недобројни, гладни и алчни усти), туку и за проекти кои се релевантни, значајни, издржани и за земјата и во странство.

И, замислете, притоа не се гледа и не е битна содржината, туку формата. Така, се пополнуваат гломазни апликации (обрасци од кои најголема полза имаат производителите и продавачите на хартија), Централниот регистар, нотарите и другите слични на нив државни и приватни институции. Притоа, во апликациите има прашања на кои би им позавидела и Ванѓа од типот што очекувате од проектот, кои ќе бидат ефектите од проектот и слично, а за чии одговори малку ви се фразеолошките речници и розовите очила.

Но, како и да е, кога веќе е востановена, прифатена и одомаќинета таа и таква бирократска шема,  форма и процедура – таа мора и докрај и доследно да се (ис)почитува! Во спротивно, треба да се поништи целиот конкурс и постапката да се врати на самиот почеток. Зашто и лаиците и најлошите правници знаат  дека конкурсните правила се однесуваат подеднакво на сите и надвор од рокот не може да се доставуваат други документи и да се менуваат јавно соопштените резултати.

Значи, може само да се разгледуваат жалбите и да се постапува по нив, а не да се доставуваат дополнително други документи и слично, Зашто, тогаш тоа се прави селективно, пристрасно, необјективно, паушално и правно неиздржано, недозволиво и нерегуларно, независно за кого да станува збор. Сите учесници на конкурсите се рамноправни и никакви дополнителни интервенции и отстапки не се дозволени и можни ниту кај доделените средства, ниту кај недоделените средства, освен само ако не станува збор за технички пропусти и грешки во износите, имињата на апликантите, насловите на проектите и слично.

Вака, едни имаат мајка, а други маќеа, односно исклучоците го потврдуваат правилото!!!

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...