Груевски, Јанакиески и Ристовски цела ВМРО-ДПМНЕ ја ставиле во функција на протестите и на 27 април

1035

Никола Груевски, Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Никола Бошковски се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за истото дело во оваа истрага за настаните на и пред 27 април ќе се сомничи и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски кој е веќе во притвор.

Тој досега се сомничеше за здружување заради непријателска дејност.

Ова денеска на прес-конференција го потврдија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Двајцата не ги споменуваа осомничените со име и презиме, туку само со иницијали барајќи да се почитува пресумцијата на невиност. Нови лица засега нема, но не ја исклучуваат можноста за проширување на истрагата, ако се појават други докази. Поради тајноста на истражната постапка тие не споделија многу детали и докази со кои располагаат.

– Во наредбата за истрага стои дека лицето Н.Г. како тогашен претседател на политичка партија преку медиум ги повикал граѓаните на протест заедно со другите обвинети и за таа цел ја ставил во функција целата партија – рече Русковска.

Во ставањето во функција на партијата тука биле уште двајца осомничени, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Цело време, како што рече обвинителката, имало партиска координација со месните и општинските комитетите на партијата за излегување на протестите кои се организираа периодот пред 27 април, како и повикување на масовност дента на упадот во Собранието.

Јовески потсети дека имале тешкотии во истрагата поради тоа што по упадот не беше направен навремен увид, а им било потребно и значително време за вештачење на телефоните. Како што рече, дел од пораките се обезбедени, други дополнително ќе се обезбедуваат. Од обвинителството не сметаат дека е направен пропуст со тоа што Груевски ниту еднаш не бил повикан на распит зашто во тој момент ценеле дека нема да се добие ништо дополнително.

Доказите кои ги имаат за него ќе се достават до судот за да се прошири барањето за екстрадиција.

Русковска очекува дека Грција ќе го екстрадира Никола Бошковски кој беше вработен во Петатта управа во МВР. Ваквите нејзини очекувања таа ги образложува со тоа што тој доби азил таму како обвинет од СЈО за прислушувањето, а објаснувањето на грчките органи беше дека тој веќе за тоа бил помилуван од претседстелот Ѓорге Иванов. Но, за ова дело тој не е помилуван.

Обвинителката не очекува дека амнестијата како селективна нема да биде причина тие да не се екстрадираат бидејќи во Законот јасно пишува дека не се амнестираат кривични дела туку дејствија. А, организаторите не ги опфаќа амнестијата.

И покрај тоа што се прошири истрагата за крвавиот четврток, случај за кој амнестија добија пратениците кои ги отворија вратите, Русковска одговарајќи на новинарско прашање рече дека таа смета, оти немаше да се случи 27 април ако вратите не се отвореа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...