Филипче: Правиме сѐ за подобрување на статусот на младите лекари

103

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со претставници од Здружението на лекари специјализанти, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и со Клубот на млади лекари.

– Младите лекари се нашиот фокус и правиме сѐ за подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукацијата и условите во коишто работат. Во текот на септември 2019 година ќе биде објавен нов конкурс за приватни специјализанти – изјави министерот Филипче.

На средбата беше разговарано и за исплаќањето на дежурствата на специјализантите, за нивниот вложен труд и за плаќањето здравствено и пензиско осигурување на приватните специјализанти, како и за спроведување евалуација на едукацијата, соопшти Министерството за здравтсво. Исто така, на средбата стана збор кофинансираните специјализанти да бидат трансформирани во државни со полни права и категоријата кофинансирани да не постои повеќе.

Министерството за здравство ќе се труди да обезбеди финансиски средства за исплата на дежурствата на сите специјализанти, како и придонеси за приватните специјализанти, а ќе продолжат разговарите со претставници на здруженијата да бидат инкорпорирани во наставно-научниот совет на Медицински Факултет, со цел заедничка соработка во подобрување на условите на специјализацијата и целокупната едукација.

Во следните две недели се договорени средби на министерот Филипче со здруженијата, со цел зацврстување на соработката со институциите и реализирање на целите на специјализантите.

Министерството за здравство, минатата година првпат обезбеди средства за вложениот труд на приватните специјализанти. Грижата за специјализантите и соработката со нив продолжува и во иднина. Вратите на Министерството за здравство се секогаш отворени за нив – велат од МЗ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...