Наследник на Карл Лагерфелд, сепак, нема да биде неговата мачка, како што тврдеа заговорници меѓу неговите обожаватели, туку неговата верна помошничка, директорка на креативното студио на Шанел, Вирџини Вилард.
– Долго време се познаваме и многу лесно ги преточувам неговите идеи во скици. Имаме седум работилници и, годишно по осум колекциии, но Карл ги води сите – изјави Вилард во едно скорешно интервју откривајќи дека со Лагерфелд си се обраќале со „Ти”.
Тој, пак, во повеќе наврати ја нарекуваше своја „лева и десна рака“ без кои би бил хендикепиран.
Претходно, се појавија гласини дека наследството ќе ѝ припадне на мачката на Лагерфелд, оти во едно интервју од неодамна, тој изјави дека „доколку законот дозволуваше, би се оженил за мачето“.
Модниот дизајнер почина завчера, на 19 февруари, на 85-годишна возраст. Креативниот директор на Шанел и самиот стана бренд благодарение на дрските забелешки, оригиналниот изглед и стил и, секако – неговата мачка Шопет.
ФОТО: EPA/ VALERY HACHE / POOL