Скат: Србија е на погрешната страна за Венецуела

150
ФОТО: EPA / MASSIMO PERCOSSI

Србија е на погрешната страна на историјата кога станува збор за нејзиниот однос кон кризата во Венецуела, изјави американскиот амбасадор во Белград Кајл Скат.

„Народот на Венецуела гладува под нелегалното владеење на диктаторскиот режим. Повеќе од 50 држави од Латинска Америка, Северна Америка и Западна Европа застанаа зад народот на Венецуела и привремениот претседател (Хуан) Гуаидо. Србија е на погрешната страна на историјата“, напиша Скат на Твитер.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ остро одговори на твитот на Скат, опишувајќи го како „класичен пример за тоа како голема сила разговара со останатите“.

– Тоа не е соодветен начин како се разговара со Србија. Нам нема ниту САД, ниту Велика Британија, ниту Германија, ниту Русија, ниту Кина да ни ја одредуваат надворешната политика – изјави Дачиќ утрово за РТС.

Тој праша дали САД, со тоа што го поддржуваат Косово, се на вистинската страна. Тој рече дека Србија и САД во двете светски војни биле на иста страна, а сега САД ги поддржуваат оние кои беа на спротивната страна.

– Секој ги гледа своите интереси. Ние не го поддржуваме (актуелниот претседател на Венецуела Николас) Мадуро, туку секого кој ја има поддршката на венецуелскиот народ, а не на Вашингтон или Москва – изјави Дачиќ.

ФОТО: EPA / MASSIMO PERCOSSI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...