„Инклузива“:  Граѓаните со попреченост се исклучени од политичкиот живот

Предрасудите и стереотипите ни се главен проблем. Кога ме видоа со помагало, мислеа дека сум лице со попреченост што дошло да го оствари избирачкото право. Јас веднаш им кажав дека сум набљудувач, веднаш ми побараа акредатиции, дали навистина сум овластен набљудувач од невладина организација, нагласи Станковска Џиковска.

71

Изборното законодавство не е усогласено со одредбите на Конвенцијата на ОН за праватa на лицата со попреченост, постојат дискриминаторски одредби со кои на овие лица им е одземено правото на избор, односно на одредена група на граѓани со попреченост по судска постапка им се одзема деловната способност и по тој основ овие лица се бришат од избирачкиот список како да не постојат. На лицата со попреченост кои се наоѓаат во згрижувачки семејства не им е овозможено да гласаат во местото каде што се згрижени. Во Изборниот законик овие лица се евидентираат и ги остваруваат правата заедно со болни и изнемоштени лица, беше речено на денешната прес-конференција во Државната Изборна Комисија, организирана од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.

Здружението „Инклузива“ на референдумсиот процес во 2018 година со 40 свои наблудувачи со попреченост за првпат стана акредитирана организација за мониторинг.

Благица Димитровска, претседателка на Здружението „Инклузива“ рече дека нашата држава е демократска држава, но исклученоста на една група граѓани од политичкиот живот укажува на фактот дека не се создадени услови за почитување на најважниот принцип во демократскиот систем – правото на избор и дека изборното право е загарантирано право без оглед на било каква попреченост станува збор.

– До ДИК ги пративме следните препораки: да обезбеди достапност и пристапност до нивната веб страница и информациите од јавен карактер за лицата со попреченост; за следните избори организаторите мора на гласачките места да обезбедат пристапни (стабилни) гласачки паравани за лица со попреченост;  на секое избирачко место да има поставено една гласачка кутија на соодветна висина за лицата кои користат инвалидска количка; да се обезбедат објаснувања и информации за начинот на гласање на разбирлив начин (знаковен јазик, ттл и аудио); на секое гласачко место правилно да се постави визуелен, сликовит приказ за начинот на гласање, изјави Димитровска.

Оливер Дерковски, претседател на ДИК, нагласи дека членувањето во избирачкиот одбор не доведува до подобрување на работата на избирачкиот одбор затоа што, како што рече, се покажало дека наблудувачите ништо не учаат од обуките.

– Тие си викаат дека сѐ си знаат, а односно ништо не знаат. И најголемите пропусти во изборните процеси се токму од лицата вклучеви во избирачките одбори кои за жал не внимаваат кога се вршаат обуките, не го почитуваат прирачникот што им е даден да го водат целиот процес и во таа ситуација сметајќи дека се знаат, ги прават и ги повторуваат грешките, рече Дерковски.

На прашањето дали имаат вработено лице со пореченост во ДИК, Дерковски  изјави дека во нивната институција и онака имаат помал број на вработени од потребниот број, меѓутоа тоа е процес и дека како и секоја јавна администрација бараат согласност од Министерството за финансии за вработување.

Даниела Станковска Џиковска, набљудувач со телесна попреченост и дефектолог, ги сподели своите искуства и предизвици низ кои поминала за време на набладувањето на референдумот во 2018 година.

– Во избирачкото место во ОУ „Петар Поп Арсов“ во Карпош само првиот кат е пристапен и качување, на вториот е невозможно. Избирачките места беа на време отворени. Кутиите беа празни.  Но, иако сум со телесна попреченост, не се откажувам. Предрасудите и стереотипите ни се главен проблем. Кога ме видоа со помагало, мислеа дека сум лице со попреченост што дошло да го оствари избирачкото право. Јас веднаш им кажав дека сум набљудувач, веднаш ми побараа акредатиции, дали навистина сум овластен набљудувач од невладина организација. Кога почнав да барам некои информации од аспект на пристапноста на лицата со попреченост, тука настанаа бариери бидејќи не знаеја како да одговаарат на моите прашања. Моја препорака до претседателот и до комисијата е да се обрне внимание на обуката за користење на сите средства што се достапни за лицата со попреченост. На избирачките места немаше тотално слепи лица, меѓутоа тие лица не го искористија шаблонот со образложение дека им е полесно ако некој им помогне да го прочитаат, нагласи Станковска Џиковска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...