Почетокот на преговорите со Република Северна Македонија годинава, покрај засилувањето на европскиот моментум во земјава, ќе претставува и јасен сигнал за целиот регион – како позитивен пример и мотивација за затворање на отворените прашања низ дијалог, политичка отвореност и позитивен пристап, рече вицепремиерот Бујар Османи по средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Насредбата биле отворени темите за процесот на проширувањето на Унијата, како и перспективите на Република Северна Македонија пред претстојниот извештај на Комисијата, како и јунските состаноци на Советот на ЕУ.
– Покрај Договорот од Преспа, имавме огромен успех и во постигнувањето на историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, како и суштински консензус за Законот за употребата на јазиците, со што ги отстранивме сите поголеми внатрешни и надворешни политички прашања– истакна Османи, посочувајќи ја европската перспектива за основно гориво за овој успех, со што јасно се исцртува моќта на европската идеја за позитивна трансформација на општествата.
– Република Северна Македонија веќе нема отворени политички прашања, и повторно го зазема централното место на Балканот, како главен партнер на ЕУ и НАТО во промоција на демократските и западните вредности во регионот- истакна Османи, пренесувајќи ѝ ги на Високата претставничка високите очекувања во земјава за напредок во европските интеграции оваа година.