Агенцијата за национална безбедност ќе ја замени УБК и ќе нема полициски овластувања

629

Владата на вчерашната седница го усвои Предлог-законот за Агенција за национална безбедност, со што ќе овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и нема повеќе да биде орган во состав на МВР. Со Предлог-законот се предлага основање Агенција за национална безбедност како модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава.

Портпаролот на владата Миле  Бошњаковски на денешната прес-конференција информира дека се разгледувани три модели и тоа УБК да остане во рамки на МВР, да се издвои како самостоен орган или да се фузира со постоечката Агенција за разузнавање.

– Избран е вториот модел односно Агенцијата да биде самостоен орган бидејќи овозможува целосна деконцентрација на моќта на разузнавачките служби во земјава и истовремено оневозможува каква било нивна злоупотреба во иднина – нагласи Бошњаковски.

Со овој Предлог-закон се предвидува луѓето кои ќе работат во Агенцијата да немаат полициски овластувања, туку само оперативно ќе собираат информации и понатаму ќе ги доставуваат до другите служби со кои ќе соработуваат. Според владиниот портпарол, со овие реформи ќе имаме поголема контрола врз работата на безбедносно-разузнавачките органи како од Собранието, така и од граѓанските организации. Тој информира дека директорот на Агенцијата ќе биде избран на владина седница по предлог на премиерот, а заменикот ќе биде по предлог на веќе избраниот директор.

Утврден е и Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој се предвидува формирање посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав и донесување одлуки, а во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница. На владината седница е утврден и Предлог-законот за изменување на Законот за следење на комуникации и измените на законите за внатрешни работи, а се за техничка усогласеност со Законот за формирање на Агенцијата за национална безбедност. Сите утврдени предлог-закони вчера се испратени до Собранието со европски предзнак, што значи треба да бидат ставени на пленарна седница по кратена постапка.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква ќе биде релацијата на Агенцијата за национална безбедност со ОТА, Бошњаковски појасни дека ОТА има допирна точка со оваа Агенција исклучиво во однос на тоа што претставуваат дел од безбедносно-разузнавачки системи на Република Северна Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...