Предлог-законот за абортус го помина првиот собраниски филтер, ќе има јавна расправа

66

Собраниската Комисија за здравство во рамки на денешната седница констатира дека Предлог-законот за прекинување на бременоста во прво читање е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Комисијата го прифати барањето на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Аљими за одржување јавна расправа по оваа точка, откако таа ќе го помине првото читање во Собранието. Тој рече дека треба да се одржи јавна расправа и добро да се информира јавноста за овој закон, за правата и обврските кои произлегуваат од него, и за мислењето на експертите по ова прашање за прекинувањето на бременоста после 12-тата гестациска недела.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој се согласи со предлогот за одржување јавна расправа, во образложението на Предлог-законот рече дека целокупниот процес го воделе многу отворено и инклузивно и биле вклучени сите граѓански здруженија кои имале сугестии и барања до нив, а за измена на Законот, како и бројни експерти, со цел да направат законско решение кое ќе биде квалитетно, применливо, согласно стандардите во развиените европски земји.

Тој посочи дека целта на Предлог-законот за прекинување на бременоста e остварување на правото на жената на безбеден прекин на бременоста, укинување на постојните административни процедури/ бариери за спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста, давање комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, реално укажување на можните компликации при кои пациентката треба веднаш да се јави на лекар и одлуката за прекин на бременост да ја донесе пациентката свесно, без принуда од кого било врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата.

– Во законот се уредува постапката за одобрување на прекинување на бременостa без дополнителни административни процедури односно бариери, за да не се ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден прекин на бременоста, пристапот до информации согласно стручно упатсво за безбеден прекин на бременоста, за да може жената да донесе одлука и да даде писмена согласност за спроведување на интервенцијата, прекинување на бременоста, на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, до 12-тата гестациска недела од страна на лекар специјалист по гинекологија и акушерство, утврдување на случаите кога може да се изврши прекинување на бременоста по истекот на 12-тата гестациска недела – рече Филипче.

Нагласи дека во законот се уредува: прекинување на бременоста на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, по 12-тата до 22-та гестациска недела од страна на лекар специјалист по гинекологија и акушерство, со можност за барање на дополнително мислење од друг лекар специјалист по гинекологија и акушерство, прекинување на бременоста на барање и со дадена согласност по добиени информации и спроведено советување на бремената жена, по 22-та гестациска недела во постапка пред првостепена комисија и право на приговор до второстепена комисија, како и условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa за таа да се спроведува согласно востановени медицински стандарди, упатства и протоколи заради минимизирање на опасностите по животот и здравјето на жената.

Законското решение, појасни, е многу соодветно, за првпат е ставен медикаментозниот абортус како опција, што е тренд насекаде во светот, во вторстепената комисија уфрлуваме лекари специјалисти од многу повеќе области со цел да се утврди дали евентуално малформацијата кај плодот може да се третира и што може да се очекува од тоа бебе кога ќе се роди ако се први таа интервенција односно во која насока ќе се развива.

– На јавната расправа може да се осврнеме на сите сегменти и сериозно да ги образложиме и аргументираме и да ги слушнеме мислењата од сите кои беа вклучени во изготвувањето. Имавме повеќемесечен процес во кој ги слушнавме сите барања на граѓанските здруженија и сериозно ги разгледувавме. Со овој закон тргнувајќи ги рестриктивните мерки од претходниот, волјата на жената ја ставаме на прво место – додаде министерот Филипче.

Независниот пратеник Сашо Василевски рече дека треба да се посвети внимание и тоа да биде дел од расправата, на условите под кои може да се врши прекинување на бременост. Во член три прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на 12-тата гестациска недела со писмена согласност на бремената жена. Според него, текстот е добар, но неопходна е дебата.

– Се консултирав со двајца врвни гинеколози и тие сметаат дека 12-тата гестациска недела треба да се земе со резерва, затоа што гинеколозите одат од денот на завршување на менструалниот циклус. Ако ова го предвидиме во ова законско решение има разлика од две недели. Значи има разлика дали ќе биде десетта недела или ќе биде 12-та недела кога има формиран плод. За ова треба да има поширока консултација со експерти по гинекологија и акушерство. Сметам дека до осма недела треба да биде максимална либерализација на овој закон. Десеттата недела да биде оној момент каде ќе се одлучува понатаму како ќе оди целата процедура на абортус и да се донесе квалитетно законско решение – додаде Василевски.

Според Маја Морачанин од ДОМ, во еднo современо прогресивно општество е многу значајно секоја жена да има право на слободен избор за тоа како ќе го планира своето семејство, дали сака, колку деца сака да раѓа, во кој период од нејзиниот живот. Додаде дека со ова законско решение се надминуваат оние рестрикции со кои жените се соочуваа во поглед на отежнување на пристапот до безбеден абортус во интерес на здравјето на жените.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...