Господине Вулин, Скопје на Белград му е и Север и Запад!

НАТО кон прашањето на Косово гради заедничка политика, а Македонија се приклонува кон таа политика и може активно да придонесе со своите пријателски односи со народите и во Србија и во Косово. Ако српскиот министер за одбрана Вулин тоа не може да го сфати, тоа сепак е негов, а не наш проблем.

4148

Судејќи според последната во низата провокативни изјави на српскиот министер за одбрана Александар Вулин, упатени кон Македонија, официјален Белград очигледно има сериозен проблем да ја препознае новата политичка реалност во нашата земја, по нејзиното пристапување во НАТО. Можеби вината за тоа лежи и кај македонските власти, кои би можеле да повикаат претставник на Србија (во најмала рака, нивниот официјален дипломатски претставник) и пријателски да му ја објаснат новата позиција на нашата држава во геостратегијата на регионот Западен Балкан и пошироко во Европа.

Со оглед на фактот дека српската влада во повеќе прилики (злонамерно) ја користеше референцата ПЈРМ во официјалното обраќање кон Македонија, претпоставувам дека министерот Вулин и другите српски званичници сега немаат проблем со новото име на нашата земја. Можеби ги буни географската одредница. Имено, Белград беше навикнат Скопје да му биде Југ, за да важи познатата девиза „што јужније, то тужније“. Барем на ниво на форма, тоа сега е сменето. Иако, тоа што ние станавме Север не значи дека сме или набрзо ќе станеме повесели, побогати и посреќни.

Но, тоа веќе е наш проблем. Секој со своите проблеми, браќа Срби!

Србија е земја во сериозна политичка криза, со отвореното прашање на Косово. На нас, Македонците, никогаш не ни недостасувала емпатија кон српскиот народ и секогаш сме посакувале нашиот северен сосед да го реши тоа прашање и да биде она што може да биде – економски тигар во регионот и демократска земја. Но, со оглед на фактот дека Скопје веќе и формално станува дел од една воено-политичка формација која гради заеднички ставови за безбедносните и геостратешките прашањата што ги измачуваат и Белград и Приштина, министерот Вулин и неговите колеги од српската влада треба да се навикнат на фактот дека нивните колеги во Скопје своите погледи и ставови ќе ги приспособуваат кон тие стратегии.

Во таа смисла, Србија треба да разбере дека освен што веќе нема и нема ни да има еден „Југ“ на чија мизерија и снисходливост ќе може да смета во моментите кога ќе мора да се бара монета за поткусурување, Македонија геостратешки веќе е позиционирана на Запад, во друштво со другите рамноправни членки на НАТО. Така како што Скопје ја разбира одбивноста на Белград кон Алијансата, така и Белград ќе мора да разбере дека за нас членството во НАТО е извор на долгорочна безбедносна и политичка стабилност.

Од тие причини, Македонија навистина нема потреба да билда разузнавачки центри насочени кон Србија (така како што во овие три децении, старо-нови удбашки инсталации од Србија ровареа во нашата земја и правеа големи зулуми). Освен тоа, Македонија нема потреба да поддржува или да брани некакво „разграничување“ меѓу Белград и Приштина, што и да подразбира министерот Вулин под тој термин. НАТО кон ова чувствително прашање гради заедничка политика, а Македонија се приклонува кон таа политика и може активно да придонесе со своите пријателски односи со народите и во Србија и Косово.

Така стојат сега нештата – Скопје на Белград сега му е и Север и Запад. Му се допаѓало тоа некому или не.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...