Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас, изразил задоволство од динамиката на директните билатерални средби со Грција, како и од средбите во рамки на Обединетите нации за изнаоѓање решение на едно прашање кое ги попречува двете земји да влезат во подлабока соработка со децении.
– Резултат на позитивниот дух кој се внесе од премиерите на двете земји во изминатиот период и кој е општо присутен во билатералните односи е одблокирањето на учеството на Република Македонија во Јадранско-јонската стратегија и имплементацијата на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ – рекол Џафери.
Џафери потенцирал дека членството во НАТО и во Европската унија е мнозинска определба на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност и дека актуелната Влада, Собранието на Република Македонија и тој лично како негов претседател, иако свесни за политичките последици што може да ги имаат на следните избори, решени се да постапуваат државнички, да ги заокружат поставените приоритети неопходни за членство во овие организации и да инвестираат долгорочно во унапредувањето на односите со сите соседи, вклучително со Република Бугарија и со Република Грција.
Тој ги охрабрил министрите во нивните идни чекори за изнаоѓање на решение и ја искажал подготвеноста на Собранието да го поддржи таквото решение.
-„И покрај сложените политички односи, Република Македонија и Грција имаат добра економска соработка. Грција е четврт најголем инвеститор во Република Македонија, но она што недостига е немањето директна билатерална соработка со Парламентот на Република Грција, освен на маргините на мултилатералните состаноци и на регионалните иницијативи“, се наведува во соопштението.
Во таа насока, претседателот Џафери иницирал трилатерална средба меѓу парламентите на Грција, Македонија и Албанија, на која ќе се дискутираат можностите и начините за интензивирање на парламентарната соработка на сите нивоа во иднина.
Министерот Коѕијас изразил задоволство за повторната средба со претседателот Џафери во Парламент во кој, како што посочил тој, се случува голем демократски напредок и се заблагодарил за можноста за размена на мислења за теми од заеднички интерес за унапредување на демократијата во двете земји. Истакнал дека лично ќе се заложи за иницијативата на претседателот Џафери, бидејќи работите кои им се оставени во наследство од минатото и кои ги спречуваат поблиску да соработуваат, ги мотивираат за изнаоѓање решенија кои ќе обезбедат плодна соработка во иднина.
Неопходна е потребата од поставување поширока рамка со која ќе се овозможат позитивни движења и процеси меѓу двете држави, бидејќи билатералните односи во моментот, како што посочил тој, наликуваат на птица која е затворена во кафез и не може да полета.
– За среќа, луѓето од двете страни на границите споделуваат многу заеднички вредности, традиции и обичаи и тие бараат од политичарите проблемите да се постават на реални димензии, а одличната соработка на многу полиња, како во полицијата и одбраната, да се прошири и во образованието, културата, размената на кадри и експертиза меѓу научно-истражувачките центри и универзитети и на други приоритетни полиња – додал Коѕијас.