Уставните судии работат со полна пареа – во архивата на Уставниот суд, како што дознаваме, има 10 иницијативи во кои се бара да се преиспита дали Законот за јазиците, кој стапи на сила со потпис на собранискиот спикер Талат Џафери кон крајот на јануари, е усогласен со Уставот.
Неофицијално, има уште една иницијатива од професорот Димитар Апасиев која стасала пред извесно време и се уште не е разгледана. Во судот велат дека се постапува деловнички по сите иницијативи и откако ќе бидат комплетирани предметите, ќе бидат ставени на разгледување пред уставните судии на седница.
Од денот кога Законот за јазици ѝ стана достапен на јавноста уште во форма на предлог беше оквалификуван како неуставен, а откако беше изгласан во парламентот предизвика бура од реакции и поради начинот на кој беше донесен – во напната атмосфера со 64 гласа „за“и без да се разгледуваат амандманите на опозицијата.
Во иницијатива поднесена од универзитетскиот професор Јове Кекеновски се наведува уште еден аргумент – за да биде донесен Законот за јазиците е потребно двојно мнозинство и двотретинско мнозинство и бадентерово. Ако уставните судии, оценуваат без политички притисоци и калкулации, овој аргумент, може да го урне Законот за јазиците, настрана што своја посебна тежина имаат и сите други забелешки, а најмногу таа дека законот излегува од уставните рамки, велат нашите извори.
Законот за употреба на јазиците првпат беше донесен на 11 јануари 2018 година, но на 17 јануари претседателот Ѓорге Иванов објави дека не го потпишал указот. Аргументите на Иванов беа дека станува збор за неуставен закон, усвоен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност, без опозицијата. Подоцна, ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35. 000 амандмани за законот, по што се отежна неговото повторно гласање кое се случи дури во март кога Собранието го изгласа Законот за јазиците во трето читање.
Зад една од иницијативите до Уставниот суд стои професорот Јове Кекеновски кој на 18 јануари годинава, само неколку дена откако Законот за јазиците беше објавен во Службен весник, побара да се произнесат уставните судии. Во својата иницијатива, Кекеновски нагласи дека станува збор за закон со чие имплементирање можат да настанат последици кои многу тешко ќе се отстранат. Затоа професорот побара Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањата на поединечните акти или дејствија кои произлегуваат или се преземаат врз основа на Законот што е објавен, додека не се донесе конечната одлука за иницијативата. Тој ова барање го поткрепува со членот 27 од Деловникот за работа на Уставниот суд.
Професорот Кекеновски освен содржината на Законот, ја оспорува и постапката со која беше донесен овој закон, а најспорен, како што вели, е начинот на кој што беше изгласан. Кекеновски, додава дека претседателот на Собранието Талат Џафери и стручните служби во законодавниот дом требало да имаат предвид дека за усвојување на Законот за јазици е потребно двојно мнозинство, односно и двотретинско мнозинство и бадентерово.
– Претседателот на Собранието, како и останатите собраниски органи и служби морале да го имаат предвид фактот дека за да биде усвоен Законот потребно е двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, а не да биде усвоен со 69, што значи дека треба со 80 пратеника – вели Кекеновски.
Професорот објаснува дека со усвоениот Закон за јазици се надминуваат рамките на амандманот 5 или поранешен член 7 кој што е во врска со амандманот 18, меѓутоа се врши и повреда на темелните вредности на Република Македонија, поточно член 8 алинеја 3 и алинеја 9.
Професорот Кекеновски го истакнува и фактот дека законот не е потпишан од претседателот Иванов и дека не биле предвидени неговите забелешки, а ниту биле земени предвид амандманите на пратениците.
– Прекршен е и ставот 2 на членот 173 од Деловникот за работа на Собранието затоа што од денот на усвојување на Законот, значи од 11 јануари 2018 година и неговото трето читање и усвојување на 14 март 2018 година, поминати се повеќе од 60 дена, а Деловникот налага да поминат 30 дена, што значи требало да има нова процедура и отпочнување на целата постапка од почеток – вели Кекеновски.