Напредокот на земјата во испорачување на предвидените реформи во насока на подготовка на земјата зa почеток на преговорите за членство во ЕУ, со акцент на динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, се темите за кои ги брифирал вицепремиерот Бујар Османи претставниците на работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан /проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), соопшти СЕП.
– Имаме исклучително успешна динамика на имплементација на предвидените реформи до Планот 18, што верувам дека ќе резултира со уште подобар извештај на Европската Комисија од минатогодишниот, заедно со уште една безусловна препорака до Советот на ЕУ – истакна Османи, изразувајќи недвосмислено очекување дека овој напредок ќе резултира со потврда на одлуката на Советот на ЕУ во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
Османи ќе учествува и на брифингот во влијателниот тинк-тенк Центар за европска политика (ЕРС) на тема „Северна Македонија на патот кон ЕУ: „Хоум ран“ во преговорите за пристапување?“. Подоцна Османи ќе учествува и на Конференцијата на тема: „Безбедност во ЈИЕ – безбедност низ Европа” во организација на Фондацијата Ханс Сејдел (Hanns Seidel Foundation), а ќе оствари и средби со Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини.