Сè што ние во Македонија зборуваме, еден човек слуша и снима. Нè слуша и снима без разлика каде се наоѓаме, во стан, во канцеларија, во училиште, во кафеана, во црква, во тоалет. Човекот се вика Џорџ Сорос. Тој не ги прислушува нашите телефони, ниту се наоѓа во просториите во кои работиме. Не поставува микрофони, па да разместува по потреба, затоа што тоа не му е потребно. Мислам, има тој човек пари, ама велам, таквите работи не му се потребни. Џорџ Сорос нè прислушува благодарение на кабелската телевизија.
Ќе помислите дека ова е глупава шега. Меѓутоа, постојат луѓе во Македонија кои веруваат дека Сорос ги прислушува Македонците преку ТВ-кабелот. Како тоа „практично“ изгледа, ќе одиме со ред. Во голема мера Македонците мислат дека премиерот Зоран Заев е марионета на Џорџ Сорос, човек што е спремен да ги „продаде“ името, грбот, знамето, националната гордост, или во поетски жаргон кажано: „ќе ги продаде нашите мозоци, нашите чувства и нашите души“. Имено, ова не е шега, ќе ве молам да се упристоиме. Сите Македонци со „патриотски“ светонадзор веруваат дека Македонија е под сериозен империјален дрил, оттука ужасно му е важно на Џорџ Сорос што ние мислиме и зборуваме по кафеани, куќи, канцеларии и на други места. Еве и зошто. Му треба тоа на човекот за да разбере кои се вистинските вредности на Македонците, што е она кое го љубат и чуваат, она кое го имаат и никој не ги гледа, па си го покажуваат меѓу себе и се гордеат. А кога тоа Сорос ќе го открие, тогаш многу лесно ќе ги постави своите цели на кои треба да ја насочи својата антимакедонска омраза и за тоа да ги одбере најдобрите средства.
Напад на единството
Оти, сè што овде Сорос работи – велат „патриотските“ идеолози (од сите бои!) – насочено е за уништување на нашите национални интереси, то ест „демонизација на нашиот идентитет“, насочено е за ликвидација на нашето колективно сеќавање.
На пример. Прислушувајќи што Македонците зборуваат, Сорос, Џорџ забележува дека се работи за народ што е духовно и национално единствен како ретко кој, па одлучил тоа единство да го нападне и некако да го растури. Заради тоа, Сорос во Македонија поттикнува и плаќа сè што ќе може тоа единство да го разбие: правата на жените, лезбијките, хомосексуалците, малцинствата, верските „секти“, а сè поради – велат „патриотските“ идеолози (од сите бои!) – да се разбие „националната кохезија“ и нејзината „духовност“.
Сорос денес Македонија ја турка во Европската Унија затоа што го знае тоа што и нашите „патриоти“ го знаат: влегувањето во Европската Унија за Македонија значи почеток на демографското и духовното самоубиство. Меѓутоа, Македонците не се предаваат така лесно (не можеш да го превеслаш нашиот народ, голем итроман е тоа), одбивајќи да тргнат по тој самоубиствен пат. Еден од главните причинители е затоа што Сорос ги прислушува што Македонците зборуваат на таа тема. Тие, Сорос дознава, ако Македонците влезат во Европа ќе останат без својата „автентична култура“, а пред сè ќе останат без своите дејци и традиционалната македонска кујна. Затоа Сорос на Македонците, а посебно на оние помладите, им го испрати Хари Потер, да ги заведе и прободе со своето магично стапче. „Работата не е наивна“, врескаат „патриотите“ (од сите бои), „затоа што низ Хари Потер младите се насочуваат низ каноните што не само што се антимакедонски, туку се и антицивилизациски“. Имено, се работи за создавање хомокретени кои ќе бидат послушници на либерално-капиталистичката глобализација“, ќе вреснат „патриотите“ (од сите бои).
Заедно со Милчин
Слично на тоа, Сорос, слушајќи ги Македонците, заклучува дека многу сакаат плескавици и забележува дека нивната склоност ќе може да му попречи во остварување на неговата цел за да го поткопа светиот македонски идентитет и Македонците да ги претвори во робови на глобалниот капитал. Затоа тој веќе некое време се труди со неговиот пријател Милчин и неговиот пријател Мекдоналд, кај Македонците да створи навика наместо да јадат мрсни плескавици, да јадат безвкусен хамбургер. Ама нашите Македонци многу лесно го презреа Сорос и неговата итроштина. За да можат Американците да го прикријат лошиот квалитет на месото, тураат намерно премногу кечап. „Пуф, колку многу кечап“, урлаат патриотите, „го користат Американците кечапот, затоа што без него, нивното месо ќе биде одвратно“. И така „патриотите“ ги советуваат другите македонски патриоти да баталат хамбургери и да јадат домашни плескавици, или, уште подобро, да јадат јагнешко месо од Шар Планина, оти тврдат, „освен сол не ви треба ништо“. Додуша, забораваат дека покрај солата треба да се има и јагне. Ама таква е антропологијата на сите патриотски кујни. Секогаш многу сол, а на самото јагне секогаш се заборава.
Знае Сорос дека Македонците со задоволство зборуваат за образованието, посебно за универзитетот и дека многу се гордеат со квалитет на знаење кое го поседуваат. Големиот антимакедонец ги впрегнува сите сили против Македонската љубов за наука – и воопшто против целото наше национално образование – и тоа сака мајчиниот да го уништи. Како што Сорос стои зад Хари Потер, невладините организации, Владимир Милчин, Мекдоналдс, Зоран Заев и другите полуги на глобализација во Македонија, дури стои Сорос и зад Рамковниот договор и Болоњската декларација – „систем на школување од кој полош е само американскиот, додека нашиот, колку-толку го сочува својот фундаментален карактер“; Рамковниот договор пак, е, како велат патриотите (од сите бои): „Ние немаме ништо против Албанците, сè им дадовме, ама пак и јазик да им дадеме, тогаш тоа значи дека ние не сме свои на своето во нашата Македонија“.
Кровна антена
Сорос ги прислушува Македонците за да разбере што нашиот народ мисли. Тука уште некои работи не му се баш јасни. А што се однесува до нашата политичка елита, овој антимакедонец ја познава во душата, затоа што таа е формирана под негова контрола, на Запад. Тоа се, вели нашиот патриот (од сите бои), „експерти школувани на Запад и дрилувани да мислат поинаку од нашиот народ, а да живеат на неговата грбача“. Тие денес, со помош на Запад, масовно ја освоија власта, не дојдоа на демократски начин, туку со насилство…“
На самиот крај, еден патриот пред неколку денови ме убедува во следново. Сорос нè прислушува преку кабелските оператори. Ние, ми вели патриотот, на таквите кабелски оператори мора да им застанеме на пат. Еве, на пример, мене кабелска ми воведе кавадаречката ИНЕЛ, а бидејќи сум предупреден какво зло е таа кабелска и како Сорос нè гледа и преслушува, почнувам да се прашувам што значи зборчето „ИНЕ(Л)активна“, зборче за кое ме предупреди и мојот комшија, опасен патриот и Македонољубец. И што сега да правам? Да го пресечам кабелот, да барам да се врати „еднонасочниот кабел“, повторно ја инсталирам старата добра „кровна“ антена, или сателитска? Навистина, не знам што да правам.
„Слободен печат“